За Сергеј Бубка, атлетиката  е неговиот живот, таа му дала се` и сега тој е тука да и врати  за се што “кралицата“ направила  за него. Посакува охридскиот митинг еден ден да биде дел од дијамантската  лига, а децата повеќе време да минуваат на  спортските арени отколку  пред компјутерите. Соборувањето на рекордите сантиметар по сантиметар бил најголемиот предизвик со кој се соочувал во својата неверојатна кариера.


– Задоволство ми е што ги гледам првите чекори кон организирање на првиот меѓународен атлетски митинг и многу е важно да се отпочне со ваков митинг во вашата земја. Многу работа претстои пред федерацијата и пред охридскиот клуб, но задоволен сум што ја започнаа оваа иницијатива, а мене лично пак ми е многу мило што јас сум промоторот на овај митинг. Пред 21 година кога се обидувавме да организираме натпревари во мојот роден град, Доњецк, не многу луѓе го разбираа значењето на атлетиката, поминаа неколку години за кај луѓето да се побуди интересот, додека денес немаме доволно место за гледачите на овие натпревари , салите се преполни и секој сака да биде дел од атлетските збиднувања. – истакна Бубка


Спрегата  Влада – Федерација треба да биде водечката  сила која треба да ги помрдне од мртва точка работите. Атлетиката на олимписките игри е спорт број еден и при организацијата на игрите најмногу време и место му се оддава на организацијата на атлетските натпревари.

– Мислам дека најважна е комбинацијата федерација – влада, луѓето сите си имаат различен интерес и владата е таа која може да направи многу, при моето доаѓање овде премирот ми објасни што се` оваа влада прави за да го заживее спорот. Ме информираа дека покрај патеката во Охрид ќе се прави уште една во Скопје. Секако тука се и спонзорствата на компаниите и претпријатијата, додека важна карика е и спортскиот маркетинг . – потенцираше Бубка.


Од многу перспективи атлетиката е лесно да се практикува, таа е универзален спорт и лесно може младите да се најдат во некоја од многубројните дисциплни.

– Најважно е младите да разберат дека  спортот и физичкото образовние ќе им помогне да ги минат тешките моменти и да го оформат својот карактер и да ја постигнат хармонија во својот живот. Во ИААФ имаме програма , преку која децата се интегрираат во образовниот систем. За таа цел ние организираме млада Олимпијада која за прв пат годинава во август ќе се одржи во Сингапур. Насекаде во светот го гледаме проблемот со здравјето на децата. Децата денес имаат прекумерна тежина, седат пред телевизија, играат на компјутери немаат никаква физичка активност:Наша обврска е да го промениме тоа и да  ги привлечеме во спортот и еден ден од настапите во младата олимпија да станат дел од големата Олимпијада.


Денешните деца “спортуваат“ пред компјутери

– Пред три години во Малта, кога претставници од националниот олимписки комитет отишле да го промовираат спортот во училиштата, се сретнале со едно 10 годишно момче и го прашале дали се занимава со спорт. Тоа одговорило потврдно , велејќи дека игра фудбал. Имал 10 години и имал прекумерна тежина. Тие биле изненадени бидејки момчето кое било полничко да игра фудбал, а потоа го запрашале дали играш во стартната постава , тој рекол не, јас играм на компјутер. Најголемиот проблем не е во тоа што детето играло фудбал на компјутер туку дека било убедено дека спортува. Ние мора тие деца да ги извадиме од домовите и да организираме натпревари каде што навистина ќе се натпреваруваат и ќе може да уживаат во играта. Не е важно дали ќе станат шампиони, туку да израснат во една здрава спортска средина – истакна Бубка.


Олимпискиот првак од 1988 година, во својата Украина  формирал клуб кој треба да биде расадник на таленти, од кој еден ден  ќе се очекува човекот кој ќе го надмине великанот.

– Во 1999 година го формирав клубот Сергеј Бубка, од тогаш во тоа време видов дека има проблеми и дека децата  се на улиците а владата нема моќност да изгради инфраструктура која ќе помогне да се тргнат децата од улиците.  Улицата ќе ги грабне и ќе ги одведе во погрешна насока. Јас помогнав да се формираа таа школа, инвестирав во опрема и денес повеќе стотици деца се дел од нашата школа, која е најдобра во Украина. Во 2002 Максим Марзјук од нашата школа стана светски младински шампион во Јамајка, беше дел од финалето во Пекинг 2008 г, додека во Берлин заврши како четврто пласиран, за мене најважно е тоа што децата не се повеќе на улиците и уживаат во спортот.

Украинецот  е првиот човек што ја пресконал  магичната граница од шест метри , и е единствен со прескокнати 6,10 и 6.15.

– 6,15 и не е така високо, ако рекордот беше 6.30 или 6.40 тоаш ми се чини дека ќе беше  недостижно, но во нашата дициплина единствено небото е лимитот. Искрено посакував мојата кариера да ја завршам на 6.20. Во моите најдобри скокови, на првенството во Јапонија кога победив со скок 5.95, јапонските научници пресметаа дека мојот скок беше за висина од 6.37. Во 1997 година кога го поставив светскиот рекорд со скок 6.01 рекоа дека скокот можеше да биде и над 6.40. Најдобриот скок на тренинг што сум го постигнал беше 6.10 но сепак најдобрите резултати се постигнуваат за време на натпреварување, кога атмосферата и целата публика на стадионот дише со тебе и те носи над пречката.


“Цм по цм“ до светскиот рекорд

Во различен период, некогаш беше сантим, некогаш два го поправав рекордот. Да се скокнат 6 метри беше тешко, а да се оди над 6 е уште потешко. Секој ден е различен и се треба да се усогласи за да се постигне нов рекорд. Кога одев еден по еден сантиметар нагоре, јас немав конкуренција и ми беше потребна мотивацијата. Многумина велеа дека сум скокал сантиматер по сантиметар за да добијам повеќе пари. Се до периодот во 1991 ние за постигнатите светски рекорди не добивавме парични награди,  а дотогаш имав постигнати преку 20 рекорди, во тој период дојдов во споротот поради љубовата а не поради парите. Во тоа време, новинарите од западните земји ми велеа вие остварувате добри резултати но на жалост не сте толку платени за тоа. Неколку години подоцна истите тие новинари ми велеа , ти ги срушуваш рекордите поради пари бидејки те плаќаат за тоа. Им реков порано вие ме сожалувавте и плачевте,  а сега сте љубоморни, но треба да знаете дека јас не го развив системот на плаќање на рекордите. Понекогаш и да ве платат со билиони долари може да не го остварите рекордот. Не е секогаш причината парите, но се разбира дека мотивот за мене беше и поставувањето на рекордите. Додека се натпреварував не сакав да живеам во историјата со постигнатите резултати , туку сакав да живееам ден за ден со моите рекорди – заврши неповторливиот Сергеј Бубка.

Светскиот рекордер кој 18 пати го поправал рекордот, нема да има ништо против некој да го натскока, потенцираше дека негова задача е своето знаење да им го пренесе на децата, а негова работа е тие бидат подобри од него.

М.Постоловски