Пред бројните присутни на вечерашниот митинг на СДСМ, се обрати и Радмила Шеќеринска, како што беше најавена- првата жена премиер на Република Македонија. Шеќеринска вети влада која ќе работи и нема да се срами секоја година да излезе пред народот и да каже дека ветеното е сработено и Влада која нема да прави разлика меѓу странски и домашни инвеститори.
– Македонија не може да оди напред ако нашите патишта се дупка до дупка, во Европа не се оди по калдрми, по патишта на кои ниту километар не е поправен во последните пет години. Нашата влада ветува дека за четири години ќе го почне најголемиот проект- Македонија со автопат со кој земјата ќе ја поврзе со сите нејзини соседи, рече Шеќеринска.
Јани Макрадули, носителот на листата на кандидати за пратеници од коалицијата за Изборната единица 5, потенцира дека охриѓани имаат најмалку десет причини да гласаат за СДСМ, затоа што развојот на туризмот за новата влада која ќе се формира ќе биде еден од приоритетите.
– Охрид во изборната програма на СДСМ е најспоменуван град и во однос на зголемување на подршката на манифестациите како што е Охридско лето, во промовирањето на Охрид како балкански центар за конгресен туризам, го има и во проектот Чиста Македонија, а во програмата ќе се пронајдат и угостителите преку измените кои ги планираме на Законот за забрана на пушењето, според кој угостителите сами ќе избираат каков локал ќе држат и дали во него ќе се пуши, нагласи Макрадули.
На охриѓани им се обрати и кандидатот за пратеник Митре Велјаноски кој рече дека актуелната Влада е одраз на лицемерието.
– Трошат стотици илјади евра за реклами за да читаме книги, а во охридската библиотека пропаѓаат ракописи од непроценливо значење и вредност. Трошат милиони евра за наколни живеалишта и музеи, а немаат 10. 000 денари за манифестацијата Прличеви беседи, рече Велјаноски.
На вечерашниот митинг се обратија и лидерите на партиите- коалициони партнери на СДСМ.










