Од општинската организација на СДСМ од Дебарца, преку писмено соопштение за медиумите реагираа дека сите општински патишта во општина Дебарца, улиците и јавните површини во населените места се покриени со трева, со што е доведено во прашање безбедното одвивање на сообраќајот, односно нормалното функционирање на  јавните површини за основните намени.

-И покрај големите ветувања на новата локална власт во општина Дебарца и пред се на новото раководство на Јавното комунално претпријатие „Дебрца“ дека ќе ја подобрат состојбата со јавната чистота во општината, состојбата ни оддалеку не е таква. Граѓаните со сметките за комунален отпад плаќаат надоместок за јавна чистота, а за возврат не добиваат ништо. Јавното претпријатие изминатата година наголемо се рекламираше дека обезбедило нова опрема, а состојбата на терен  на планот на јавната чистота е загрижувачка. Ваквата состојба е речиси иста во сите населени места, информираат од СДСМ.

Од таму апелираат до одговорните во Јавното претпријатие наместо со популистичка пропаганда, многу повеќе да се зафатат со работа.

OhridNews