СДСМ пред две недели предложи нов начин на пресметка на патните трошоци на пратениците, изјави денеска на прес конференција пратеникот од Охрид и координатор на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.

-Евидентно е дека прашањето е актуелно и ова е доказ дека ние не бегаме од актуелни прашања и сакаме да дебатираме со јавноста, а тоа оди преку медиумите. Прво, сите се сеќавате дека четири месеци, од нова година до крајот на април, зборувавме дека не се потребни празни и јалови дискусии за нешто што е извесно, за избор на претседател на Собранието. Четири месеци се обидувавме да ги убедиме пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека нема потреба да се одолговлекуваат седниците, да се доаѓа секој ден, да се дискутира едно исто со реплика на реплика. Секое доаѓање на пратениците значи и патни трошоци, значи доаѓање на работа. Јас сум од Охрид, јас патувам секој ден. Мене во описот на работата за доаѓање на работа, ми е пет часа дневно во автомобил, јас возам 350 километри во денот и немам избор. Тоа е регулирано законски и од Законот за во Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица и со Одлука за висината за надоместок што ја носи Комисијата за избор и именувања во ова Собрание. Значи, една од причините за големиот број доаѓања на пратениците, беше токму таа и ние со месеци укажувавме дека непотребно доаѓаме и дека непотребно се трошат пари на граѓаните. – вели Тунтев, кој деновиве од медиумите беше посочен дека заедно со колегите од регионот зема високи патни трошоци.

Тунтев истакна дека пред две седмици на координаторите на другите пратенички групи дал конкретен предлог со четири разработени алтернативи како да се укинат патните трошоци, односно кои се начините за можно регулирање на привремениот престој и патување на пратениците што се од внатрешноста.

-Моментално, од 120 пратеници, 71 пратеник го задоволува условот да наплаќа за наплаќање за доаѓање на работа, од нив неколку сме што живееме на најголеми растојанија. Ние не сме виновни што живееме во Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Лабуниша и така натаму. Тоа се пресметува според формула, меѓутоа, знаејќи во каква држава живееме, знаејќи ја економската состојба, знаејќи дека не е во ред за некој месец надоместокот што го добиваме за патните трошоци да биде поголем од платата. Па зошто ме плаќа мене државата? Да бидам шофер или да бидам пратеник кој ќе учествува во законодавниот процес? И знаејќи дека тоа не е добро регулирано на овој начин како што е регулирано, ние како политичка партија изготвивме неколку алтернативи. Значи и во изборната програма рековме дека ќе го реформираме начинот на исплата на патните трошоци. Едно е постоечкото, меѓутоа да се регулира онака како што е потребно за да не се злоупотребува. Најголемиот проблем во сегашниот начин во исплата на патните трошоци е злоупотреба на системот. Имало и има пратеници кои не патуваат секој ден, а кои наплаќаат патни трошоци. Со алатки, механизми и активности кои би го спречиле тоа, драстично ќе се намали сумата на патни трошоци што се исплаќаат на месечно ниво. Вие знаете дека некои месеци имаме 25 работни денови, а во мај имавме два работни дена. Значи, не може да се споредува, па на годишно ниво земаат толку или онолку. Никој од јавноста или медиумите не прашал зошто другите именувани функционери имаат службени возила имаат право на истиов надомест, директори, заменици министри, и така натаму, секогаш на удар се пратенците. Јас како координатор на пратеничка група, морам и ќе се грижам секогаш за достоинството на пратениците и заради тоа ви го кажувам тоа во тој контекст. – рече Тунтев.

Втора алтернатива е со давање на станови за користење, службени, државни станови, третата е со давање надомест за одвоен живот и за изнајмување стан под кирија, а четвртата алтернатива која ја нудиме е хотелско сместување на тендер која ќе се одлучи во Собранито или службите на Собранието, појасни Тунтев.

Тој посочи дека има разбирање за коментарите на социјалните мрежи околу патните трошоци на пратениците, но јавноста не знае дека тие и ги донираат тие средства во хуманитарни цели.

-Ние во неколку наврати како пратеници од пратеничката група на СДСМ и коалицијата дониравме во хуманитарни цели, токму од нашите така наречени патни трошоци, на иницијатива на наш колега бивш пратеник, тоа не е за кажување во јавност, дониравме за болно дете, дониравме за родители кои го лекуваат болното дете во Италија и немаа за сметување. Дониравме во минатиот состав на три пати во хуманитарни цели и имаме направено фонд за донации и се уште ќе донираме ама тоа не е за јавност, тоа е желба на секој пратеник како се однесува со оние пари кој законски му следуваат. И затоа јас ве молам како медиуми, значи ги разбирам и социјалните мрежи и чувствата кај граѓаните и се е тоа во контекст на кризните времиња и сиромаштијата која владее, која од погубните политики во изминатите 10 – 11 години ја доведоа оваа држава и граѓаните до ова дереџе и навистина некои работи се нелогични, ама ние како СДСМ и во изборната програма тоа го ставивме и рековме дека ќе се изврши трансформација на начинот на регулирање на привремениот престој на пратениците во РМ односно во Собранието. – заврши Тунтев.

OhridNews