Доколку советниците на ВМРО-ДПМНЕ навистина беа загрижени за начинот, времетрањето и квалитетот на изградбата на автопатот Кичево–Охрид, тогаш ќе ја прашаа претходната Влада зошто изградбата се одолговлекува и зошто финалниот рок за пуштање во употреба беше поместен од 2018 за 2019 година, се наведува во реакцијата од општинската СДСМ, по денес одржаната прес конференција на советниците од ВМРО ДПМНЕ.
– Проектите на ВМРО-ДПМНЕ во инфраструктурата се полни со криминал и корупција, а доказ за тоа се истрагите на Специјалното јавно обвинителство за автопатите Кичево –Охрид и Миладиновци–Штип како и обвинението за проневера и перење пари при изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, случај кој беше под истрага и на Европската агенција за борба против корупцијата, ОЛАФ. Факт е дека работата на автопатот Кичево – Охрид се одвива со помал интезитет, бидејќи проектот за авотпатот е промашен, трасата е згрешена, а на неколку места постои обрусувување и нестабилност на косините, се наведува во реакцијата.
Од ОО на СДСМ наведуваат дека доколку советниците од ВМРО-ДПМНЕ навистина се грижеле за интересите на граѓаните, ќе ја увиделе реалната фактичка состојба и ќе бараа одговорност за промашувањата во изведбата на овој проект, но и одговорност за провизиите од автопатите за кои целата јавност слушна преку проектот Вистината за Македонија.
OhridNews












