Како наближуваат локалните избори кои треба да се одржат оваа есен, така расте интензитетот на политички препукувања помеѓу локалната опозиција и градската власт. СДСМ преку партиско соопштение се осврна на како што се наведува, ветените а не реализирани проекти од градоначалникот Бакрачески, кого го прашуваат каде се капиталните инвестиции како затворениот пазар, автобуската станица,  домот за возрасни лица, марината, најавените големи хотелски имиња и катните гаражи…

„За Бакрачески најголемо достигнување било справувањето со долгот, без при тоа да каже ниту колкав бил точно тој долг пред четири години, ниту колкав е сега. За потсетување, Бакрачески досега споменуваше неколку паушални бројки од 25, 33 па се до 50 милиони евра. Наместо да објасни зошто нема реализирано ниту една капитална инвестиција, Бакрачески се оправдува со политичката и општествена криза, со лошата меѓуинституционална соработка, па дури се пожали и на опструкции од централната власт водена од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Накратко, отчетот на градоначалникот во заминување, се сведе на барање виновници за неговата неспособност да раководи со општината.“ – велат од СДСМ.

Локалната власт, пак, смета дека СДСМ не може да ги поднесет резултатите и бројките на сегашната општинска администрација, кои според неа, се неспоредливо подобри од било која гарнитура во последните 26 години независна Македонија. 

„За пишувачите на нивните соопштенија им препорачуваме очила со голема диоптрија за конечно да го видат она што сите одамна го гледаат во Охрид. И не ни е чудно што неможат да го пресметаат долгот кој го оставија на општината во 2013 година во изност од 2.038.000.000 (две милијарди и триесет и осум милиони) денари. Всушност јасно ни е зошто не го знаат точниот износ на долгот, бидејќи во времето кога беа власт од бројките на пораст на долгот на дневна основа болеше глава. Јасно ни е зошто неможат да го видат импактот и бројките во туризмот, затоа што никогаш ништо не направиле за него. Јасно ни е зошто неможат да зборуваат за подобрување на ефикасноста на општинската администрација, бидејќи главно место на правење анализи и статистики им беа кафеаните. Јасно ни е зошто неможат да го видат напредокот во реализацијата на капиталните проекти, бидејќи тоа за нив се приказни од типот на „Алиса во земјата на чудата“.“ – стои во реакцијата на локалната самоуправа.

OhridNews