Се интензивираат активностите за изградба на првата Виа ферата за туристичка експлоатација во Националниот Парк Галичица, по зимската пауза информира Антонио Додевски од Алпинистичкиот клуб „Патагонија“.

Извршивме проверка на условите за работа, контролни мерења на секвенците и симболично поставување на првиот клин, со што и официјално го означуваме стартот на изведбата, вели Додевски.

Станува збор за комплетно нов производ во туристичката понуда на Охрид, за кој како што вели Додевски очекувањата се да привлече внимание кај нови туристи, но секако ќе значи и нова содржина за сите оние кои веќе го посетуваат регионот.

Се надеваме дека оваа нова содржина ќе го отвори патот за збогатување на туристичката понуда и со други содржини. Луѓето кои ќе сакаат да уживаат во оваа нова содржина нема да има потреба да носат со себе јажиња и дополнителна сигурносна опрема, освен лична опрема, појас, кацига и виа ферата сет. Покрај безбедносната опрема, дополнително патеката ќе биде опремена и со опрема за напредување односно скалички на одредени позиции. Во спротивно би било тешко луѓето да ја качуваат истата. На ваков начин се овозможува било кој да може да ги качува карпите, вели Додевски.

Поставувањето на Виа фератата, финансиски е поддржано од PONT, а го спроведува Алпинистички клуб ПАТАГОНИЈА од Охрид, согласно критериумите на Македонска алпинистичка федерација и меѓународниот стандард EN16869:2018.

Изведбата започнува по целосно завршениот процес за обезбедување на сите неопходни дозволи и согласности од страна на надлежните институции и Министерството за животна средина.

Н.С.Ј.