Голем дел од бетонско-камената езерска платформа – видиковец кај аеродромот „Св. Апостол Павле“, во централниот дел, е распадната и има опасност од нејзино целосно рушење, што ќе доведе до девастација на езерото со неавтохтониот материјал употребен при нејзината изградба. Потпорниот ѕид е во процес на раздвојување од останатиот дел од платформата со што таа станува целосно небезбедна за евентуалните минувачи, и се помал број на посетители.

Покрај распаѓањето на платформата, нејзината денешна слика, изгледа тажно: неколкуте клупи и канти за ѓубре се распаднати, единствениот контејнер е свртен во обратна состојба, и доминира секаков вид на отпад. Вистинска мала депонија.

Инаку, во 2014 година на конкурсот на Министерството за транспорт и врски победи идејното решение, односно проектот со кој овој дел на езерото требаше да добие атрактивен лик со модерна и помалку футуристичка плажа во доминантна светло сина боја со продолжена платформа за лежалки во водите на езерото и сервисен пункт и шанк на брегот во облик на школка. Планирано беше просторот да има рамна песочна површина со автохтон песок, зеленило, хортикултурно и партерно уредување со клупи, фонтани за вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали.

Помпезно најавуваната инвестиција на Владата на РМ од 2014 г. при изведбата заврши како паркинг каде што, главно, застануваат возачи на моторни возила за краток одмор, цигаре пауза и сл. Но, и тие кога ќе се соочат со реалната состојба, застануваат и веднаш заминуваат.

OhridNews