Со сечење црвена лента и староградска музика попладнево на градското пристаниште свечено беше одбележано воспоставувањето на првата бродска линија помеѓу Охрид и Поградец. На бродот Александрија 2 , се качија министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, градоначалникот Никола Бакрачески како и голем број претставници од јавните претпријатија, Царинската управа на Македонија, институции, новинари. 

Присутните го поздравија стартот на новата бродска линија, потенцирајќи дека со тоа ќе се придонесе кон збогатување на туристичката понуда во градот.

Конечно се овозожува бродско поврзување на Охрид и Поградец што секако ќе придонесе за дополнителен импулс во развојот на туризмот во градот и меѓусебната  соработка меѓу Македонија и Албанија, изјави секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.

Ја поздравувам иницијативата, одличен потег за зближување на двата народи и двата града, секако ќе придонесе кон развој на туризмот, во интерес и на двете страни. Ова е за мене посебно доживување и задоволство што еве со брод ќе го посетиме Поградец, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Според деканот на ФТУ Охрид, проф. Д- р Сашо Коруноски, бродската линија Охрид – Поградец ќе биде голема придобивка за градот.

Секој гостин ќе има можност да ги  види двата соседни градови , што ќе треба да се искористи во еден аранжмански пристап и да се види каков е интересот и ние како град да добиеме придобивка од можноста нашите гости да го посетат Поградец. Има коментари дека не е добро нашите туристи да одат во Поградец, но доколку ние тоа го организираме придобивката ќе биде за нас, потенцира професор Коруноски.

Бродската линија Охрид Поградец ќе биде чартер линија, која во текот на туристичката сезона ќе служи за превоз по воден пат на заинтересираните туристи од Охрид  до Поградец во Република Албанија и обратно.

OhridNews