Преку Агенцијата за странски директни инвестиции Владата ќе испрати шест промотори да ја презентираат  Република Македонија во светот како вистинско место за инвестирање. Петмина ќе бидат ангажирани во над 20 земји, а еден ќе има постојан ангажман во Виена.

Во првиот дел на 2008 година, почнувајќи од 1 февруари, промоторите ќе бидат во Турција, Грција, Кипар, Германија, Франција и Австрија, во вториот дел од 2008 година – во Италија, Англија, Америка, Словенија и Хрватска. Во првиот дел на 2009 година тие ќе престојуваат во Русија, Белгија, Холандија, Луксембург, Чешка, Словачка, Полска, Унгарија, Бугарија и во Романија, а еден од промоторите во тој период ќе замине во Шведска, Финска, Норвешка и Данска. Во вториот дел на 2009 година тие ќе бидат  во Кина, Јапонија, Дубаи, Катар и во Јужна Кореја. Еден промотор постојано ќе биде во Виена, која е центар за најголемиот дел од глобалните компании за овој дел од Европа.

Промоторите ќе мора да посетат до 45 компании во различни индустриски сектори, треба да доставуваат седмични извештаи до Агенцијата и дневно редовно ќе се координираат со Агенцијата за размена на податоци и информации за инвестициски можности во Република Македонија. Ефективноста на промоторите ќе се мери по бројот на остварени контакти и нивната маркетиншка способност за „продавање“ на Република Македонија во светот како вистинско место за странски директни инвестиции, соопшти Владата.