Измените на Законот за заштита од пушење, кои првично беа најавени да почнат да се применуваат од 1 март 2026 година, сè уште не стапија на сила бидејќи предлог-текстот не е донесен во финална форма и се наоѓа во процедура на доработка и усвојување.

Со предложените измени се предвидуваат построги правила за употреба на тутунски и никотински производи, меѓу кои целосна забрана за пушење во затворени јавни простории, вклучувајќи ресторани, кафулиња и барови. Забраната се проширува и на електронските цигари и уредите со загреан тутун.

Предлог-законот предвидува и дополнителни ограничувања за пушење во полузатворени простори, како и забрана за пушење во автомобили доколку во нив има деца. Воедно се планираат и построги правила за продажба и рекламирање на никотински производи, како и повисоки казни за прекршителите.

Граѓаните на Охрид ги поддржуваат најавените измени во законот за заштита од пушење. Тоа го покажува и анкетата што на оваа тема изминатиот период ја спроведе Охридњуз. На прашањето: „Дали ги поддржувате предложените измени во Законот за заштита од пушење?“ – 76 отсто одговориле дека ги поддржуваат, додека 24 проценти се против предложените измени. Во анкетата беа опфатени 1145 читатели.

Од Министерството за здравство претходно соопштија дека по јавната расправа биле доставени повеќе забелешки и предлози од бизнис-секторот и граѓанските организации, поради што текстот се доработува пред да биде доставен на усвојување.

Властите најавуваат дека примената на новите правила ќе се воведува постепено, со период за прилагодување на угостителските објекти и граѓаните пред целосната примена на санкциите.

Следна анкета: Дали како општество извлековме поука од трагедијата во Кочани и дали состојбите системски се подобрени?

OhridNews
Фото: Илустрација – Freepik