Кризна состојба е состојба предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на државата, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси. Вака, според Законот за управување со кризи е дефинирана кризната состојба, која од синоќа се воведе на целата територија на нашата држава во траење од 30 дена, поради состојбата со корнавирусот, а на предлог на Советот за безбедност.
Одлуката на кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена, а доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба. Собранието и претседателот на државата во секое време може да побараат усмен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со кризи.

Во кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба, во согласност со закон. По барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот или добро- волно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица.


Со наредбата, којашто стапи веднаш на сила, дел од ресурсите и од средствата на Армијата се ангажираа како невооружени сили на извршување на задачи за поддршка на институциите на државата при справување со последиците од пандемијата на Ковид-19 односно беа ангажирани сили и средства за медицинска поддршка на работата на здравствените установи и центри на Министерството за здравство, транспорт на заштитни и медицински средства и опрема.
Оваа кризна состојба е прва до сега која е прогласена на целата територијата во држава. Претходно, претседателот Пендаровски, од март до јуни, донесе одлуки за пет вонредни состојби.
OhridNews











