Балканските земји во последните години се повеќе ги привлекуваат скандинавските туристи со своите туристички капацитети, јави дописникот на МИА од Гетеборг, а пренесуваат неколку македонски медиуми.

„Свенска дагбладет“ пишува дека хотелските и ресторанските услуги во Бугарија, Македонија и Албанија се најевтини во Европа – меѓу 55 и 60 отсто пониски од ЕУ-просекот. И железничките, автобуските, бродските и авионските билети во овие три земји се значајно поевтини во споредба со други европски држави.

На табелата што ја објави „Свенска дагбалдет“, базирана врз резултатите од испитувањето на паритетот на куповната моќ во ЕУ, најевтина земја во Европа во однос на хотелските и ресторанските услуги е Македонија, а на второ и трето место се Албанија и Бугарија.

Србија е на шестото, Босна и Херцеговина на осмото, а Црна Гора на десеттото место. Меѓу 20-те најевтини европски земји Хрватска и Словенија го заземаат 18-то и 19-то место, веднаш пред Шпанија, која е на 20-то место.

Во многу написи во шведските весници во пресрет на годинашната летна туристичка сезона се потсетува дека пред падот на Железната завеса, бугарското црноморско крајбрежје имало статус на еден вид Мајорка во рамките на источниот блок.

Туристите од Источна Европа и понатаму се главни во Бугарија, но не е мал бројот и на посетителите од западноевропските земји, вклучувајќи ги Швеѓаните. Пред сж, поради поволните цени.

– Факт е дека дојде до пораст на патувањата за Бугарија. Аранжманите се вредни во однос на цените за кои се нудат и затоа голем број семејства со мали деца ја избираат Бугарија како дестинација, иако зголемувањето на патувањата за Бугарија не е во ист обем како што е случајот со, на пример, Хрватска – вели Магдалена Орн, шеф за информирање при еден од најголемите шведски тур-оператори, „Винг“.

Хрватска и Турција добиваат високи оцени. Но, како што истакнува Орн, ако скандинавските туристи сакаат да добијат максимум за парите што би ги издвоиле за патувања во регионот, треба да се упатат кон Бугарија или кон соседните Македонија и Албанија.

OhridNews