Дваесеттина шведски ученици, нивни наставници и родители  деновиве се во посета на Охрид и охридската гимназија. Се дружат со нивните охридски врсници, се забавуваат, дознаваат повеќе за македонската култура, традиција, културно-историско богатство.

Посетата е дел од десетгодишната соработка помеѓу „Св. Климент Охридски“ и училиштето „Norrevangsskolan“ од Еслов- Шведска која започнала по иницијатива на Македонецот Љупчо Ралевски, кој иако се родил и живее во Шведска, Охрид го чувствува како свој втор дом и град кој заслужува да го видат што поголем број луѓе во светот.

– Иницијативата за соработка со охридската гимназија и училиштето во кое предавам како професор по математика и физика беше моја. Иако моите родители се од Битола, јас премногу го сакам Охрид и затоа сакав да им го покажам и на моите колеги и пријатели. Па така, дојдов на идеја да започнеме соработка преку која учениците од двете земји ќе може да се дружат, комуницираат, научат нешто повеќе едни за други и за условите за школување и во двете земји. Се надевам дека контактите ќе продолжат и во текот на наредните години. Овде имаме прекрасни колеги и знаеме дека секогаш сме добредојдени, вели Ралевски.

Ралевски потенцира дека децата се исти насекаде, но се забележува разлика во однос на материјата која се изучува и условите за работа.

– Децата овде не се разликуваат од тие во Шведска. Овде сепак има разлика во однос на материјалот кој се изучува, она што овде се предава во седмо одделение, таму го учат две години подоцна. Тоа беше и една од првите реакции на охридските ученици кои беа во посета на Шведска, додава Ралевски.

Од заедничките дружења задоволни се и учениците.

– Интересно е да се биде овде и да се видат условите во кои се школуваат учениците во Охрид. Веќе се спријателив со неколку врсници, особено со оние кои добро го познаваат англискиот јазик, вели Елинор Лиредал од училиштето во Еслов- Шведска.

– Интересно е што на овој начин дознавам повеќе за тоа како шведските ученици живеат, какви им се условите за школување. Се надевам дека ќе продолжи нашиот контакт и понатаму, изјави ученичката Мартина Слатинова.

Директорката на ОСУ „Св. Климент Охридски“ , Вера Јовческа објаснува дека соработката ќе продолжи и понатаму, но со одредени измени.

– Замислата е децата кога ќе дојдат да ги сместуваме кај нашите ученици со цел подобро да се запознаат и полесно да комуницираат. Во иднина при организирањето на посетата во Шведска би се земале ученици кои веќе имаат остварено контакти и кои би сакале на тој начин да ги наградиме поради претходно остварени успешни резултати на различни натпревари, вели Јовческа.

Зборувајќи за искуствата од престојот во Шведска , Јовческа потенцира дека постојат големи разлики во образовниот процес меѓу двете земји.

– Можеби ние сме понапред со содржините кои се изучуваат, но таму условите за одвивање настава се неспоредливи со нашите. Ги имаат сите услови , современи лаборатории, услови за практична работа. Во тамошните училишта секое дете согласно неговите интереси навреме се насочува со цел да направи правилен избор на професијата со која ќе се бави, што не значи дека секое од нив мора да заврши високо образование, додава Јовческа.

Гостите од Шведска во Охрид остануваат до крајот на седмицата. Отворено признаваат дека се воодушевени од убавините на Охрид и потенцираат дека повторно ќе дојдат во градот на УНЕСКО.

Т. Кувенџиска