Македонската ракометна репрезентација со триумф го започна шестото учество на Мундијалите. Во премиерниот натпревар на СП во Германија и Данска, „црвено жолтите“ славеа над Јапонија со 38-29 (18-13).

Избраниците на Раул Гонзалес одиграа сигурен натпревар и заслужено ги запишаа првите бодови на табелата во групата Б. На голот блескаше Борко Ристовски кој нанижа 19 интервенции, а нападот беше на висина на задачата во текот на целиот дуел.

Првото полувреме речиси комплетно помина во знакот на нашите ракометари кои на противникот му допуштија само едно водство (4-3). Од тогаш, „црвено жолтите“ направија серија 4-1 и го вратија водството (8-5). Во продолжението разликата варираше од три до шест голови, а на крајот избраниците на Раул Гонзалес заминаа со пет погодоци предност.

На стартот од второто полувреме јапонците ја убрзаа играта и успеаја да намалат на три погодоци (21-18). Кога одбраната не можеше да одговори на предизвикот, тука беше нападот кој беше непогрешлив и ја врати предноста од 5-6 погодоци.

Во последните десеттина минути македонските репрезентативци ја задржаа позитивата и ја забележаа петтата победа на стартот од Мундијалите.

Во втората рунда Македонија ќе се сретне со Бахреин.

OhridNews
Фото: Гол.мк