По катастрофалните поплави предизвикани од обилните врнежи од дожд кои изминатиот период го зафатија Балканот, многумина го поставуваат прашањето дали реките во охридско-струшкиот регион имаат доволно капацитет за да не излеат од своите корита. Ако се земе предвид фактот дека во минатото, високиот водостој на езерото и неговиот слив честопати им задаваше главоболки на граѓаните и надлежните, тогаш Дримскиот проект CORDA би требало да го реши овој децениски проблем.

Систем за рано предупредување од поплави

Дејан Пановски член на Дрим Кор групата, на неоддамнешниот настан „Денот на реката Дрим“, потенцира дека една од поентите на Дримскиот проект CORDA е да се развие систем за рано предупредување од поплави.

„Во 2010 година, Дрим беше причина за големи поплави во неговата делта, каде имаше човечки жртви и уништено земјиште. Затоа, особено е значајно што последните години конечно доаѓаме до еден момент, каде развиваме заедничка визија и поставуваме основа за заедничко управување, кое што ќе треба да ги земе предвид и енергетските потенцијали и секако, ризикот од поплави кои можат да се случат во овој регион со оглед на големината на реката Црн Дрим.“ – потенцира Пановски.

Покритични Сатеска и Грашница

Ѓоко Зороски од Еколошкото друштво „Грашница“, потенцира дека за разлика од Црн Дрим, покритични реки во охридскиот регион кои честопати се излеваат од своите корита се Сатеска и Грашница.

„Водата е добар пријател, но и добар непријател во исто време. Црн Дрим кај нас се регулира преку Охридското Езеро, посебно во период на голем водостој. Сепак, кај нас се уште не се регистрирани поплави од таков обем на оваа река, бидејќи Дрим од истекот во Струга, неколку километри е регулиран човечки, а таа регулација е покажана како добра.“ – рече Зороски.

Охрид и Струга се жртвуваа за сметка на поплавените подрачја околу Скадар

Како што објасни проф. д-р Трајче Талески од Хидробиолошкиот завод Охрид, реката Црн Дрим пред неколку години ја покажа својата разорна моќ, поплавувајќи подрачја во соседна Албанија.

„Мора да ги почитуваме меѓународните договори, за поголемо или помало испуштање на реката. Пред 4-5 години кога Дрим направи катастрофални поплави во Албанија, градовите Охрид и Струга се доведоа во опасност за да им се помогне во подрачјата околу Скадар, односно да се намалат поплавите.“ – објасни Талески.

О.Т.