Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција информираше за донесената уредба на последната седница на владата, со која е предвидено задолжително воспоставување ред и дисциплина при влез во објектите во кои се врши трговија на мало, продавници, самопослуги, маркети, пекари и за време на траење на вонредната состојба .

  • Според Уредбата сите трговци од денеска се должни да обезбедат редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди  спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот“, кажа Бектеши.

Според Уредбата, како што потенцираше министерот , трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание од 2 метри при чекање ред на лицата пред и во објектот и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.

  • Секако, доколку не се почитуваат одредбите од оваа Уредба следуваат глоби. За малите и микро трговци, кои што нема да воспостават ред и дисциплина пред нивните објекти е предвидена глоба од 500 до 1.000 евра, додека за средните и големи трговци кои што нема да ги почитуваат одредбите од оваа Уредба со законска сила предвидена е глоба од 1.000 до 2.000 евра“, потенцираше министерот и апелираше до трговците да се придржуваат до насоките и мерките на Владата, а до граѓаните кои што ќе утврдат неправилности да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на Државниот пазарен инспекторат.

OhridNews