Пандемијата предизвикана од коронавирусот Ковид 19, целосно го наруши секојдневното живеење и нормалното функционирање во земјата. Неминовно ситуацијата негативно се одразува и на издавачката дејност, но и воопшто на целокупното работење на стопанството, кое, во услови на криза, е принудено да ги одложува предвидените проекти и планови.

Поради настанатата состојба „Виа Фарм“ аптеки, издавач на магазинот за здравје и современ живот „Наше Здравје“, информира дека не е во можност да го издаде 17 број на популарното печатено списание.

Големата здравствена криза во која сите напори се насочени кон спречување на ширењето на коронавирусот Ковид 19, како врвен приоритет на секое општество и сите негови чинители, но и амбиентот кој е создаден во една ваква непосакувана и, за жал, крајно неповолна состојба, не принуди да донесеме тешка, но во овие моменти неопходна и нужна одлука, да го прекинеме веќе започнатиот процес на подготовка на пролетното издание на „Наше Здравје“, кое нема да излезе од печат. Одлуката дополнително се темели и на мерките за превенција, согласно кои, не се препорачува диструбиција на печатени материјали во услови на пандемија, дотолку повеќе што магазинот „Наше Здравје“, меѓу другото, се дистрибуира и во аптеки и здравствени установи.  – информира редакцијата на магазинот за здравје и современ живот.

Уредничкиот тим на „Наше Здравје“ изразува надеж дека заеднички почитувајќи ги мерките на заштита, ќе извојуваме победа над опасниот невидлив непријател и дека кризната состојба во земјата брзо ќе биде надмината, а животот ќе се нормализира.

Ви ветуваме уште многу изданија на „Наше Здравје“ и многу корисни информации во иднина, до тогаш, слушајте ги советите на надлежните институции и лекарите, останете дома и чувајте се! – порачува уредничкиот тим на „Наше Здравје“.

Г.М.