Специјалното јавно обвинителство го објави најновиот, петти по ред, шестмесечен извештај за сработеното. Во Извештајот пишува дека СЈО продолжило со преслушување, обработка и анализа на вкупно 606.555 аудио-снимки со кои располага ова јавно обвинителство, при што обработени се 85% од вкупниот број аудио-снимки, што е 15% повеќе во споредба со претходниот извештај.

„Заклучно со датумот на поднесување на овој Извештај се анализираше содржината на 515 572 аудио-снимки, односно во обработка се 85% од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага ова Јавно обвинителство при што се изработени 1784 транскрипти каде што врз основа на преслушаните разговори постои индикација за сторено кривично дело“, пишува во Извештајот. Од вкупниот број анализирани разговори, 515.572, издвоени се 193.753 аудио-снимки, за кои се утврдило дека се приватни разговори. Ова Јавно обвинителство анализира и повеќе од 100.000 аудио-фајлови кои се прибавени при спроведени претреси кај неколку лица и во тек е утврдување дали и во колкав број овие аудио-снимки претставуваат предмет на незаконското следење на комуникациите. Голем дел од материјалите со кои располага ова Јавно обвинителство повеќе пати се обработуваат и анализираат.

Во извештајниот период заведени се 136 нови предистражни предмети. Од нив 23 СЈО формирало по сопствена иницијатива, а 113 предмети се формирани врз основа на пријави од други подносители. Заедно со претходно отворените 99 активни предистражни постапки во ова Јавно обвинителство во моментот се во работа вкупно 235 предистражни постапки. Во периодот од 15 септември 2017 година до 15 март 2018 година ова Јавно обвинителство отвори 7 нови истражни постапки, против вкупно 17
физички лица. Најголем дел од кривичните дела кои се во работа пред ова Јавно обвинителство се кривични дела против службената должност.