Словенечките медиуми денеска ударно ја пренесуваат веста за приведување на разузнавачот Алеш Чретник во Охрид, поради неовластено снимање на летната резиденција на претседателот Ѓорѓе Иванов. Инцидентот се случил во април оваа година во екот на големата политичка криза која кулминираше со насилството во собранието на 27-ми истиот месец. Словенецот со дрон ја снимал резиденцијата во месноста Горица, што е строго забрането.

 

Според пишувањето на медиумите, кои се повикуваат на извори од двете земји, Чретник на македонската полиција и се претставил како агент на словенечката разузнавачка служба, а се легитимирал со документи од НАТО. Се шпекулира дека тој најверојатно извршувал задача на НАТО, а како причина за снимањето на претседателската вила „Билјана“ се наведуваат наводни оперативни сознанија дека во случај на ескалација на настаните во земјата државниот врв би можел да се евакуира на тоа место.

Медиумите во Словенија пренесуваат дека Чретник македонските власти најпрвин го обвиниле за шпионажа, но подоцна по интервенција на словенечкото министерство за одбрана бил казнет со глоба од 500 евра по што ја напуштил земјава. Словенечките власти негираат дека тој во Македонија бил на тајна мисија.

Потврда на овие информации побаравме од македонската полиција, од каде одговор најавија утре.

Неофицијално дознаваме дека словенечкиот воен разузнавач распореден во командата на Нато во Неапол, Италија, престојувал во Охрид за време на велигденските празници кога употребил беспилотно летало со висок степен на технологија и извршил снимање на резиденцијата на Претседателот. Тој официјално во Охрид престојувал приватно, неофицијално тој е експерт за ИТ и примена на технологии.

Добро упатени извори велат дека во изминати 15 години во Македонија не е регистрирана ваква активност, а проблемот бил решен во договор меѓу директорите на соодветните служби од двете земји.

Инаку, ова не е прв пат странски агенти да бидат поврзувани со случувањата околу македонската политичка криза. Во екот на немирите во собранието внатре камерите го забележаа српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ, што предизвика дипломатски тензии на релација Скопје – Белград.

Горан Момироски