На градскиот кеј  во Охрид, денес, се изврши презентација на современата опрема наменета за потребите на Службата за спасување на планина. Станува збор за  проект на  Црвен Крст – Охрид  кој се реализира со грант  од Европската Унија.

Како што истакна градоначалникот Јован Стојаноски, добиената  опрема за спасување на планина  е од особено големо значење за функционирањето на службата која од сега ќе ја има најсовремената опрема за спасување во регионот и пошироко.

  • Особено сакам да ја изразам својата благодарност до претставниците на Европската унија што ги препознаа вака добрите проекти и ги подржаа. Вториот момент кој сакам да го истакнам се однесува на целта на проектот односно подобрување на квалитетот на туристичката понуда  што би значело привлекување на подобри туристи. Тоа значи развивање на нова форма на туризам во која сите наши природни вредности поради кои Охрид е на картата на УНЕСКО ќе бидат валоризирани и искористени, а со тоа на некој  начин ќе се зголеми туристичкиот промет. Се надевам дека ваквите проекти и поместувањето на туризмот во нови форми  ќе придонесат Охрид и општините кои се вклучени во проектот да бидат зацртани на  посакуваните карти на туристички дестинации- истакна градоначалникот Стојаноски.

Според министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, реализирањето на вакви проекти директно придонесува кон збогатување на туристичката понуда со развивање на нови форми на алтернативен туризам.

  •       –Алтернативниот  и авантуристичкиот туризам освен природни можности,  прилагоден на барањата на современиот туризам треба да гарантира и безбедност. Тоа значи соодветна опрема за брза и безбедна акција  во случај на потреба. Со проектот ќе се формираат два спасувачки центри за ефикасни интервенции во вонредни ситуации и тоа центар за спасување на планина во Охрид и центар за спасување на вода во Поградец во кои ќе бидат обучени 80 спасувачи. Ново формираните центри за спасување и воспоставените процедури и стандарди за управување со ризици ќе бидат активно промовирани и кај туристичките агенции, туристичките оператори и туристички провајдери со цел да се искористат за подобрување на конкурентноста на регионот и Охридското Езеро како атрактивни дестинации за авантуристичкиот туризам, истакна министерот Фазлиу.

Шефот на Секторот за  соработка на  Европската делегација  во Македонија, Никола Бертолини посочи дека Европската Унија особено се интересира за развој на региони од Балканот со што ќе се обезбеди економски развој и  заштита на природната средина.

  • Развојот на овие региони се наоѓа во срцето на Европската Унија. Прекуграничната соработка подразбира помош на регионите кои се далеку од главните градови. Основните компоненти вклучуваат заштита на природната средина и економски развој  на регионот. Инвестиравме 12 милиони евра за развој на овие региони, од тоа корист ќе имаат луѓето и средините во кои живеат. Толеранцијата и соработката се во срцето на овие програми – подвлече Бертолини .

На презентацијата на опрема за спасување на планина присуствуваа и градоначалникот  на општина Вевчани и заменик градоначалникот на Поградец.

Наскоро се очекува да започне и изградбата на современ центар за спасување на планина во стариот магацин на Црвен крст, кој ќе добие нов лик, оперативен дел, простории за одмор и престој, канцеларии, санитарен дел и тренинг центар со вештачка карпа со услови за тренирање на сите техники за спасување на непристапен терен. За потребите на службата обезбедени се и две теренски возила со кои ќе се интервенира и кои ја имаат неопходната опрема за укажување прва помош на повредени лица.

 OhridNews