„Преголема задача е за педијатрите ние да ја преземеме целата одговорност за здравјето на децата. За здравјето на најмладите одговорна е општествената заедница, власта, центрите на моќ, министерствата за финансии, а на овој конгрес ќе стане збор за екологијата. Не можеме да очекуваме здрави деца при вака високи параметри на загаден воздух и почва“, рече пред почетокот на IV Конгрес на педијатри Љупчо Николовски, п-тел на Здружението на педијатри на РМ.

Инаку конгресот на педијатри, чиј работен дел започнува денес, е од меѓународен и интер-дисциплинарен карактер. На конгресот ќе треба да се направи пресек на состојбата во сите три дела од „детското“ здравство (примарен, секундарен и терцијален) од стручен и епидемиолошки аспект.

„Моменталните статистички параметри во Македонија се задоволителни“ вели Николовски. „На пр. детската  смртност од едни ужасни параметри во шесеттите па и деведесеттите години, во денешно време е двојно па и тројно намалена. Од 36 промили смртност кај новороденчиња во 1990 сега е 13 промили. Вакциналниот опфат е речиси 98 отсто“ додаде тој.

Сепак, општа оценка е дека сме сеуште далеку од светските трендови во европските земји, каде на пример смртноста кај новороденчињата е максимум до 5 промили. Намалениот животен стандард, лошите услови, слабата опременост на повеќето здравствени установи, ниските плати на здравствениот персонал се причини за заостанување зад европските просеци. Новите реформи во македонското здравство би требало да подобрат сликата за еден од најранливите сегменти во нашето општествено живеење.

С. Костоски