Синоќа во просториите на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, Регионалната занаетчиска комора Охрид со пригодна свеченост го одбележа 3-ти јуни, Денот на занаетчиите.

На настанот кој за прв пат се организира токму на православниот празник „Св. Константин и Елена“, присуствуваа голем број занаетчии од градот, кои во изминативе децении со сите сили се обидуваат да се спротистават на „вредностите“ кои ги носи модерниот начин на живот и технолошко-индустриската револуција.

„И кога не бев претседалел на комората, години наназад чувствував голема тежина, бидејќи сакав на еден начин да се одолжам на сите оние наши претходни генерации, кои 50-60 години наназад допринеле за унапредување, развој и зачувување на занаетчиството.“ – рече Сашо Богоески, претседател на Регионалната занаетчиска комора Охрид.

Работата на занаетчиите крунисана со благодарници

Во рамките на свеченоста, на голем број занаетчии, институции, медиуми и поединци, им беа доделени благодарници за афирмација и зачувување на занаетчиството во Охрид.

„Оваа година на 28 занаетчии доделивме благодарници за афирмација и развој на занаетчиството и за се она што го постигнале изминатите години. Исто така, благодарници доделивме и на институции и на сите оние кои го помагаат унапредувањето на занаетите.“ -потенцира Богоевски.

Занаетчиите: „Добивме признание за она што го имаме сработено“

Милан С. Беловски, кој веќе 65 години се занимава со изработка на опинциво старата охридска чаршија, вели дека после децении макотрпна работа, конечно некој го вреднувал нивниот труд.

„Ова е многу убава работа, бидејќи после толку години како сме занаетчии, добивме признание за она што го имаме сработено. Во моментов, тешко е да се биде занатчија, нема веќе аир, а тоа може да се види и почувствува. Сепак, се уште одам во дуќанот по 2-3 часа во денот, барем накратко да се видам со колегите.“ – вели Беловски.

Занаетчиството на ризичен крстопат

Ставот на Министерството за економија е дека дел од занаетите во земјава се изумрени, додека други се во фаза на исчезнување.

„Во денешното модерно време, тешко дека млад човек ќе го натерате да работи занает, да држи чекан или ножици во рака, со оглед на тоа што со еден клик на компјутер го имате светот на дланка. Нашата цел како комора е да го зачуваме, развиваме и унапредуваме занаетчиството со низа активности.“ – потенцира Богоески.

Летни курсеви за изучување занаети

Во летниот период во Граѓански универзитет „Кузман Шапкарев“, кој неоддамна го одбележаа своето 60 годишното постоење, но и во дел од занаетчиските дуќани во Охрид, ќе бидат организирани интензивни крусеви за изучување на занаетите.

„Тоа е заеднички проект со Универзитетот „Кузман Шапкарев“, каде што пред се младите невработени лица, но и повозрасните, ќе имаат можност преку интензивни курсеви со набиени 120 саати во два месеци, да изучат занает и да можат самостојно да работат. Курсевите нема да бидат бесплатни, а во цената која дополнително ќе ја одредиме, влегува полагањето и дипломата која се добива на крајот. 95 отсто од наставата ќе биде практичен дел во занетчиските дуќани, додека 5 проценти теорија.“ – додава Богоески.

РЗК Охрид: Одблокирана сметка и без долгови

Со одблокирана сметка и без долгови, Регионалната занаетчиска комора од Охрид влезе во новата 2014 година. Долгот од околу 500 000 денари е целосно подмирен кон Управата за јавни приходи по однос на неподмирени обврски за плати и придонеси.

„Кога ја наследив комората беше дезорганизирана, немавме ден на занаетчиите, немавме ниту лого, а никој не знаеше дека комората работи. Започнавме со блокирана жиро-сметка од 500 000 денари. Меѓудругото, никој не се имаше сетено занетчиите да имаат свој ден. Предложивме неколку дати, а Собранието на РЗК Охрид одлучи тоа да биде 3-ти јуни.“ – истакнува Богоески.

O.T.

Охрид претставува вистина ризница на стари и уникатни занаети, чии мајстори со сите сили се обидуваат да се спротистават на „вредностите“ кои ги носи модерниот начин на живот, односно технолошко-индустриската револуција.