Љубителите на пишаниот збор во Охрид синоќа имаа можност да присуствуваат на една невообичаена промоција. Во центарот  за култура на пригоден начин беше промовирана  втората стихозбирка на младата поетеса Елизабета Велјаноска, „Боите на  љубовта“, а средствата од продажбата на книгата ќе бидат наменети за покривање на трошоците за настап на учениците од ОМУ „Методи Патче“ на државниот натпревар за камерна музика што идната недела ќе се одржи во Скопје.


Елизабета Велјаноска

„Каква боја има љубовта?! Прашуваат сите а прецизен одговор нема. Дали е таа светло-сина како небото, румена како сонцето на зајдисонце или пак младо-зелена како тревата на пример во пролет. Можеби љубовта е розова како расцветана роза, што чека некој да ја скине, да ја мирисне и да ја подари. Токму со оваа филозофија се занимава во својата втора стихозбирка младата поетеса Елизабета Велјаноска, ќе напише критиката за нејзиното ново дело.


Охриѓани уште еднаш покажаа хумано срце

На промоцијата што ја организираше охридскиот Црвен крст, беа продадени 86 книги, односно беа собрани 8600 денари. Организаторите на промоцијата се задоволни од одзивот на охриѓани кои со својата дарежливост ќе го потпомогнат учеството на младите ученици од ОМУ „Методи Патче“ на државниот музички натпревар во Скопје. Остатокот од средствата потребни за учество на натпреварот ќе го покрие Црвениот крст, изјави за Ohridnews, претседателот на ова организација, Сашо Точко.


Водител на промоцијата беше Лејла Гогова

На Државниот натпревар за камерна музика ќе учествуваат седум состави од ОМУ „Методи Патче“, два дуети и едно  трио-флејта, едно гудачко, едно дувачко трио, еден  дует виолини и еден дует на клавир, не информираше директортката основното музичко училиште Нина Момироска. Нашата прва  цел е да учествуваме на овој натпревар, иако нема натпревар од кој не сме се вратиле со награда. Но,  ние сме скромни и би сакале такви да останат и децата кои ги воспитуваме во тој дух, вели Момироска. Таа ја поздрави донаторската промоција на стихозбирката на Елизабета Велјаноска и искажа надеж дека вакви хумани вечери почесто ќе се случуваат во иднина.


Нина Момироска

Промоцијата на новата стихозбирка со својот настап ја збогатија учениците од ОМУ „Методи Патче“ кои изведоа повеќе класични дела.


младите таленти од ОМУ „Методи Патче“

Г. Момироски