Со изложба од 30 фотографии на кои се прикажани моменти од ослободувањето од фашизмот во неколку европски градови, во кое учествуваше руската армија, денес, во Центарот за култура во Охрид се одбележа 9-ти мај, Денот на победата над фашизмот.
Како што истакна Почесниот конзул на Русија во Македонија, Велимир Стојкоски, 9-ти мај е Ден на победата на доброто над злото, на слободата.
– Македонија има легитимно право да го празнува овој датум со оглед на тоа дека од 1 милион и 700.000 жртви од поранешна Југославија во втората светска војна, околу 30.000 биле од Македонија. Со капитулацијата на Германија се завршува едно поглавје од најкрвавиот период на човековата историја, во кој животот го загуби речиси 2,5% од светското население или 60 милиони жртви, истакна Стојкоски.
9 мај треба да биде ден кој уште еднаш ќе не потсети на сето она што нашите предци кои учествувале во војната го дале, својот живот за ние денес да живееме во слобода и да се потсетиме дека она што сме го добиле не сме го добиле случајно, рече првиот секретар на Руската амбасада во РМ, Александар Алексеев.
– Фотографиите се една реална слика за тоа што се случувало во тоа време. Овие стари фотографии се документ за оние кои го дале животот, кои војувале во тие тешки години. Ако ги погледнете внимателно сите фотографии можете да го видите вистинскиот израз на лицата кога немало современи технологии како фотошопот и затоа може да се видат реалните ликови кои со голема радост го дочекале денот на победата, рече Алексеев.
Пред присутните се обрати и градоначалникот Никола Бакрачески кој истакна дека отворањето на изложбата е доказ повеќе за одличната соработка со Русија која и понатаму ќе продолжи да се развива.
– Рускиот народ во текот на Втората светска војна даде најголем придонес во поразувањето на фашизмот, најголемото зло на 20 век. Заедно со сојузниците меѓу кои и македонскиот народ, со многу пролеана крв, беше победен фашизмот и неговата идеологија која го поробуваше светот, ги уништуваше цивилизациските вредности, слободата и демократијата. Горди сме што бевме дел од победничката антифашистичка коалиција, зошто Втората светска војна за нас беше народноослободителна војна во која со многу пролеана крв дојдовме до долгоочекуваната слобода и се отвори патот за независноста на Македонија, рече Бакрачески.
Изложбата е во организација на Руската федерација во РМ, Почесниот конзулат на Русија во Охрид и општина Охрид.
OhridNews













