На 27 јуни свечено ќе биде отворена Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, која годинава ќе се одржува до 6 јули и ќе собере уметници од Македонија, Србија, Романија, Полска и Украина.
Свеченото отворање е закажано за 20 часот во ресторанот „Виа Игнација“, а ќе биде збогатено со концерт на македонската група „Љубојна“, како и настап на музичкото дуо Мицевски и Пејчиноски.
Колонијата, која се одржува од 2009 година, прерасна во еден од препознатливите културни настани во регионот, промовирајќи ја ликовната уметност и културната размена меѓу автори од различни земји и генерации.
Годинава посебен акцент е ставен на поддршката на младите таленти преку проектот за млади сликари што се реализира во рамки на платформата „ШП-арт“ на Шпаркасе Банка. Во програмата е вклучена и четвртата Детска ликовна школа под водство на проф. Марјана Костојчиноска Узунчева.
Во текот на десетдневниот престој во Вевчани, учесниците ќе создаваат дела инспирирани од природата, архитектурата, традицијата и културното наследство на ова живописно место.
Организаторите посочуваат дека „Вевчански видувања“ останува посветена на својата мисија – поттикнување на уметничкото творештво, културниот дијалог и поддршката на новите генерации уметници, истовремено афирмирајќи го Вевчани како значаен културен центар на домашната и меѓународната сцена.
OhridNews











