Општина Охрид во рамките на одбележувањето на 5-ти Јуни Светскиот ден на животната средина првата недела од месец јуни ја прогласи за „Недела на животната средина“ во која ќе бидат опфатени повеќе активности.
Ќе се реализира проектот „ Цветни балкони- цветен Охрид“ при што ќе им бидат поделени 300 жардиниери со саксиско цвеќе на жителите кои живеат на следните улици: „Момчило Јорданоски“, „Марко Цепенков“ од пресекот кај Стобекс до кружниот тек кај болницата, ул. „Вангел Николоски“, ул. „Дебарца“, ул. „Александар Гушо“, ул.„Трајче Дојчиноски“, ул „1-ви Мај“, ул. „1-ва Македонска ударна бригада“ од пресекот со ул. „ Питу Гули “ до Стобекс. Акцијата ќе се реализира на 04 јуни(среда) и 05 јуни (четврток). Граѓаните од гореспоменатите улици кои се заинтересирани за жардиниери со цвеќе претходно ќе треба да се запишат на список во Општина Охрид-Одделението за заштита и влијание на животната средина во соба бр. 54 на 02 (понеделник) и 03(вторник) од 12-15часот. Делењето на цвеќињата ќе се изврши во расадникот на ЈП Комуналец на 4 јуни (среда) и 5 јуни (четврток) од 10 до 13 часот.Граѓаните од горе споменатите улици кои претходно се запишале на список во Општина Охрид, цвеќето ќе можат да го подигнат со лични документи за идентификација од кои ќе биде видлива адресата на живеење.
Во соработка со основните и средни училишта ќе биде организирана акција за собирање на стара хартија, Акцијата за собирање на стара хартија наменски се организира на крајот од школската година за да можат учениците да ги донесат сите непотребни списанија,тетратки и друга хартија во дворот на нивното училиште каде ќе бидат поставени соодветни садови за одлагање на хартијата. Во акцијата ќе можат да се вклучат сите граѓани и институции од Охрид , кои исто така својата отпадна хартија можат да ја донесат до за нив најблиското училиште.Акцијата за собирање на стара хартија ќе се одвива на 04 јуни (среда) од 8 до 17 часот.
Во „Неделата на животната средина“ ќе се изврши и собирање на отпадно масло од домаќинствата.
Секторот за заштита на животна средина и управување со отпад при Општина Охрид од декември 2012 година отпочна со реализација на „Пилот проектот за собирање на отпадно масло од домаќинствата“, со цел употребеното масло да не се фрла заедно со другиот комунален отпад и со него да не се загадува животната средина. Собирањето на отпадното масло на територијата на Општина Охрид го врши овластената фирма СУНИЛЕНС која од МЖСПП има дозвола за собирање , складирање и третман на овој вид отпад. За таа цел Општина Охрид на 13.12.2012 на околу 100 домаќинства подели по една пластична канта од по 3 литри. Се молат домаќинствата кои ги добија овие канти и имаат собрано отпадно масло од приготвување на храна , без разлика дали е кантата полна или полупразна на 4- ти јуни (среда) од 12 до 15 часот да ги донесат истите на полигонот за мали спортови кај ресторанот „Европа“ на ул. „Партизанска“, за да ги заменат со празни. Доколку има и други заинтересирани домаќинства за собирање на отпадното масло,истиот ден, Општина Охрид на локацијата и терминот што се погоре спомнати ќе подели канти. За во иднина се известуваат домаќинствата кои поседуваат кантички дека нема повеќе да има вакви организирани годишни акции за собирање на отпадно масло, туку граѓаните ќе бидат директно контактирани од страна на СУНИЛЕНС и ќе им биде оставен контакт телефон на кој ќе може да се јават кога ќе имаат полна кантичка. Возило на СУНИЛЕНС секој петок доаѓа во Охрид и ќе биде во можност да ги собере полните кантички со отпадно масло и да бидат заменети со празни.
Целта на организирањето на „Неделата на животната средина“ е што повеќе да се укаже на проблемите од областа на екологијата и да се влијае на подигањето на јавната свест на граѓаните за заштита на животната средина, потенцираат од локалната самоуправа.
OhridNews













