И оваа година НУ Музеј „д-р Никола Незлобински“–Струга го одбележува Меѓународниот Ден на Музеите заедно со други музеи во светот во организација на ИКОМ/ИЦОМ.
Овогодинешната тема е: Музеите и спорните истории: Кажувајќи го неописливото во музеите.
Музејот „д-р Никола Незлобински“ со овогодинешната програма за Меѓународниот ден на музеите става акцент на отвореноста на музејот кон широката јавност. Како институција која е уникатен претставник на природното и културното наследство, музејот поседува огромен потенцијал и може многу да допринесе за општеството.
– Во програмата за одбележување на 17 мај се две изложби од едукативните работилници кои ги работеа нашите кустоси, а децата учесници ќе имаат можност своите дела да ги постават во музејските простории, на тој начин директно презентирајќи ги своите видувања за богатото природно и културно наследство. На 18 ти музејот ќе ги презентира и новите промотивни материјали и веб страна. На советувањето кое на 19 ти во Скопје го организира ИКОМ – Македонија по повод Меѓународниот Ден на Музеите, нашиот музеј ќе биде презентиран со темата „Музеј во Музеј“ а се однесува на уникатната природно-научна поставка на НУ Музеј „д-р Никола Незлобински“. Од неодамна препараторските работи во рамки на биолошкото одделение се вршат во ново-адаптирани простории во административната зграда на музејот, информираат од музејот.
По вторпат оваа година на 18 ти мај – Меѓународниот Ден на Музеите влезот за сите музејски поставки е слободен. Проектите кои се дел од програмата се реализирани со помош на Министерство за култура на Република Македонија.
OhridNews












