So asistencija na Доц. д-р Владан  Лукшевиќ, заменик директор на Клинички центар на Србија, во Заводот за кардиоваскуларни заболувања Охрид, на одделот на Интервентна кардиохирургија, денеска, беше промовирана нова метода на лекување без класична хируршка интервенција наречена „Ротаблација“.

-Оваа метода се користи кај пациенти кои имаат комплексни запушувања на срцевите крвни садови, каде со еден дијамантски сврдел се навлекува на една коронарна жица, се врши гребење на калциумските депозити, за да може во еден момент да се овозможи проаѓање на други жици и да се заврши со поставување на стент на срцевите артерии. Се работи за процедура која што е резервирана за редок број на центри, бидејќи нејзината употреба меѓу пациентите , варира од центар до центар од прилика од 3-7%. Нејзината примена се наложи со стареење на популацијата со усовршување на техниките и потрошниот материјал во интервентна кардиологија. – истакна д-р Никола Бакрачески, кардиолог и актуелен градоначалник на Охрид.

„Ротаблација“ се користи кај се’ поголем број постари пациенти кои што имаат комплексни запушувања. Во нашата држава оваа метода се употребува и во клиниката за кардиологија, а од денес официјално и во Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид, каде од пред 4 години во употреба е и интраваскуларниот звук со цел полсено овозможување на поставување на срцеви стентови.

-Заводот за Кардиоваскуларни заболувања една деценија наназад бележи интензивен раст и развој на оваа институција, како и постојано иновирање на нови техники кои се неопходни за завршување на ретки но комплексни процедури, кои може да се изведуваат само во мал број на центри.– додаде д-р Бакрачески, посочувајќи дека производител на опремата и на потрошениот материјал за една ваква процедура се на компанијата “Boston Sientific”.

Според податоците кои ги изнесе Доц. д-р Владан  Лукшевиќ, станува збор за навистина напредна технологија со која нема потреба од класична хируршка срцева интервенција.

-Ако пресметате 2-3% од 1 600 процедури ќе дојдете до бројка дека некаде околу 40 пациенти годишно со стандардна процедура на вградување на стент не може да биде излечен , бидејќи не постои техничка можност за тоа. Оваа метода ќе овозможи овој процент на пациенти да добијат лекување без отворање на градниот кош и без класична хируршка интервенција. – рече д-р Лукшевиќ.

Тој се заблагодари на тимот кој му асистираше во салата за време на интервенцијата, оценувајќи ги условите за работа во Заводот за кардиологија се позитивни.

-Македонската кардиологија е водечка во регионот ,во однос на интервенциите кои се работат. Ние ги праќаме нашите доктори кај вас на обука. Она на што посебно ви завидувам е многу добра и квалитетна мрежа за лекување на пациентите. Македонија е прва земја од бивѓите југословенски држави која ја заокружила својата територија со доволен број на сали за интервенција , за сите пациенти. додаде д-р Лукшевиќ.

OhridNews