Со примена на новиот тарифник за вршење сметководствени услуги, кој треба да стапи на сила на 1-ви јули, ќе се реши најголемиот проблем со кој се соочуваат години наназад регистрираните сметководители, а тоа е нелојалната конкуренција.
Ова е ставот на членовите на охридското Здружение на сметководители кое денес одржа состанок на кој се разговараше околу тарифникот и неговата примена.
– Тарифникот е донесен со цел да нема разидување во давањето на услуги, независно дали станува збор за квалитетот или цената на услугите. На овој начин ќе се средат работите со оние лица кои водат сметководство на „црно“ и кои немаат никаква обврска кон клиентите и ако настане некаква штета немаат никаква одговорност. Додека ние, кои сме регистрирани и соглансо законот ја носиме сета одговорност, за да добиеме лиценца за работа треба да депонираме полиса на осигурување од 20.000 евра. При тоа, за било каква штета кон комитетнтите ние одговараме со таа полиса или нашиот имот, вели претседателот на здружението во Охрид, Стојан Кузманоски.
На денешниот состанок се разговараше и околу настапувањето пред комитентите при склучување на договорите за вршење сметководствени услуги, согласно новиот тарифник.
Во охридското здружение членуваат над 100 регистрирани сметководители.
Т.К.














