Со полна пареа се работи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Во петок најавена нова премиера, театарската претстава „Лавиринтот“ во режија на Ѓорѓи Ризески.
Во петок ќе ја имаме и четврата премиера. За разлика од претходните три проекти кои беа од Министерството за култура, оваа е од сопствена продукција. Се работи за режисерот Ѓорѓи Ризески вработен во нашата институција, актерот Марко Богдановски од Тетовскиот театар и охридскиот актер Ивица Цонев. Се работи со полна пареа во Центарот во смисла дека покрај нашите претстави во овој период, во ноември, го имаме и стенд ап шоуто „Све ли јас да мислам” со познатиот комичар Бојан Велески, претставата „Чекајќи го Годо” од режисерот Сашо Миленковски на 17 ноември, новиот македонскиот филм „Лена и Владимир” со Сара Климоска и Тони Наумовски на 18 ноември, како и новиот филм на Драган Бјелогрлиќ „Чувари на формулата“, истакна директорот Горан Симоноски, додавајќи дека комплетно е завршено реновирањето на седиштата во малата сала што дополнително ќе понуди чувство на удобност за публиката.

Тематски ова е „Лавиринтот“ кој генерално збори за некои работи кои ги толкувам јас како работи кои постоеле уште пред да се родам и останале во денешницата на некој начин. Вечни теми. Менувајќи ги системите и свеста на луѓето, ние се развиваме и евалуираме, но секогаш имаме некои работи кои ни се останати, кои сеуште треба да поминат низ уште повеќе филтри, за да се евалуираме и од нив. И токму за тоа е оваа претстава за некои заостанати од порано работи кои до ден денес пречат или ни помагаат. Од историјата треба да се учи да не ги повторуваме грешките. Актуелна е денес претставата, затоа и се поставува. Станува збор за камерна претстава што ја прави уште поавтентична актерската игра, додава Ризески, изразувајќи надеж дека истата ќе има многу изведби.

И во името на некакво измислено државно уредување, измислена идеологија, пари, лични болни амбиции и психози да уништува се околу себе, да опустошува. Ѓорги спомна за историјата. Како пример од историјата Хитлер во името на Бог уби милиони луѓе, во името на некој негов бог неразбирлив за човечкиот разум. И светот треба да се ослободи од таквите луѓе. Во претставата ги толкувам овие личности. Ми беше многу љибопитно да се обидам да влезам во нивни чевли, да се обидам да разберам што се случува во нивните глави. И знаете ужасно е човек да живее со толку многу нељубов во себе, да живее со ѕверски мисли излезени од канализација. Кај нив отсутвува секаква човечка емпатија, а отсуството на љубов е главна причина за сите човечки недостатоци, аномалии и проблеми, вели Цонев.
Премиера е закажана во петок, 10 ноември, во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20:00 часот.
Н.С.Ј.
видео. Б. Стојаноски











