Преку велосипедизам кој поврза три града и две држави, детска смеа и музика, мали бизниси, креативни работилници, улични изведувачи и акробати, Струга овој викенд беше домаќин на завршната активност од програмата за Денот на Европа 2026. Настанот ја заокружи серијата настани што во текот на мај и почетокот на јуни се одржаа во повеќе градови низ земјата, под мотото „Наша Европа“ и Посилни заедно“, со порака до граѓаните да ја почувствуваат Европа во својот град.

Настанот беше организиран од Јуроп хаус и Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, во соработка со Јуроп хаус и Делегацијата на Европската Унија во Албанија, заедно со Општина Струга, Општина Поградец и Општина Охрид.

За време на активностите во Паркот на поезијата во Струга граѓаните имаа можност да уживаат во базарот на мали бизниси, детската програма, креативните работилници, друштвените игри, музика и ди-џеј сет, улични изведувачи и акробати.
Оваа велосипедска тура го носи духот на Европа: отворена, инклузивна и секогаш во движење напред. Таа нè потсетува дека сме дел од истото патување и дека кога се движиме и педалираме заедно, можеме да постигнеме извонредни работи. Со изборот на две тркала наместо четири, покажуваме дека малите, одржливи избори можат да донесат големи промени за нашето здравје, нашата планета и нашите заедници. Од Струга, преку Поградец и Охрид, па назад до Струга, ова не е само тура околу езеро, туку круг на пријателство, соработка и заедничка посветеност на „Наша Европа“, во која сме „Посилни заедно“, рече заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Бен Нупнау.
Во реализацијата на програмата во Струга значајна улога имаше Општина Струга, а во активностите беа вклучени и партнерите Здружение АКВА, “Youth for Struga”, ИНКА, ПХВ на Црвен крст Струга и Дуќан, додека за музичката атмосфера се погрижи “Rootboy Selector”.
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, истакна дека Струга е жив пример за европските вредности во секојдневниот живот.
Струга е жив доказ дека овие вредности не се само теорија. Струга е град во кој различните култури, јазици и традиции не нè разделуваат, туку нè прават посилни. Град во кој соживотот е начин на живот, а не само слоган. Стружани ја сакаат Европа, затоа што Европа сме самите ние, во начинот на кој се почитуваме едни со други, во начинот на кој соработуваме и ја градиме иднината за нашите деца, изјави градоначалникот Ќура.
Како дел од прославата беше отворена и изложбата „Еуро Вело: Најдобрите европски рути за велосипедски патувања“, посветена на европската мрежа на велосипедски рути и промоцијата на одржлива мобилност и активен туризам. Изложените фотографии се дело на фотографот и велосипедист Симон Тред и се преземени од проектот https://www.cyclingthread.com/CyclingThread платформа посветена на велосипедски патувања и рути низ Европа и светот.

Од Скопје, Велес, Битола, Тетово, Штип, Охрид, Кочани и Гевгелија, па сè до завршниот настан во Струга, беше исспратена иста порака: „Европа не се слави само на еден ден. Таа се гради секојдневно, преку луѓето, градовите, идеите и заедничките активности што нè прават посилни заедно“.
OhridNews











