Празнината што подолго време ја имаше во понудата на забавата и ноќниот живот во Охрид, конечно е пополнета. Синоќа на приземјето од Амамoт, во центарот на Охрид, со работа започна првиот рок клуб „ROCKNROLLA“, со уникатен концепт, поинаков од актуелната понуда во ноќниот живот на градот.

Зад „ROCKNROLLA“ стојат Елена и Никола, двајца страстни рокери, со позитивна енергија и заедничка визија, која стана реалност.

Идејата произлезе од нас, бидејќи ние рокерите после еден часот немаше каде да одиме. Двајцата ги напуштивме бизнисите со кои претходно се занимававме и решивме да направиме рок клуб, тоа што му фали на градот. Инспирацијата е од мојот омилен филм „ROCKNROLLA“, а внатрешниот дизајн и ѕидовите се од мојата соба кога бев девојче, бев „металка“, и мојата соба изгледаше токму вака – ни откри Елена.

Рок клубот „ROCKNROLLA“ ќе работи секој ден, од 20 часот до утро. Тука ќе настапуваат рок бендови од различни правци, а летово се планира и мини фестивал. Први сцената на „ROCKNROLLA“ ја сефтосаа „Кросроуд бенд“ од Прилеп и охридскиот состав „Бекдорбенд“. Свирки ќе има секој викенд.

Љубителите на добрата музика ќе може да гледаат квалитетни и докажани музичари, но и помалку познати музичари, како што ќе биде настапот на една млада група од Кавадарци идниот викенд, чиј басист има само 14 години. Тука ќе им даваме шанса, не само на публиката да слушне добра музика, туку и на музичарите да свират добра музика. Едноставно нешто многу поразлично од тоа што се нуди во Охрид. – истакнува Никола

Никола е познат лик во забавно – музичките кругови. Тој седум години го работеше „Таксират“ со неколку соработници, а беше во организација и на првиот и единствен „Аларм“ фестивал во Љубаништа. „ROCKNROLLA“, вели, му е враќање во младоста, место каде ќе се негуваат музички вредности, толку многу потребни во ова време на наплив на разноразен шунд со кој сме бомбардирани како град, особено во сезона.

Тоа, би го нарекол уназадување, не само умствено, туку и духовно. Зошто младите ја прифаќаат таквата музика, не ми е јасно. Од друга страна нема многу луѓе кои би ризикувале со отварање на ваков локал, како мене. Овој локал не може да носи пари како места со турбо-фолк музика, но ќе им овозможиме на младите да слушнат музика, додава Никола.

Музичката револуција во Охрид започна, а менаџерскиот тим на  „ROCKNROLLA се надева дека таа и ќе успее.

Г. Момироски
Фото: Бобан Стојаноски