На денешната 70-та седница, советниците едногласно ги усвоија информацијата за состојбата на веслачкиот клуб „Југ“ заедно со предложените план и мерки за продолжување на постоењето и активноста, како и предлог одлуката за исплата на долгот на клубот по основ на правосилни извршни исправи.

– Иако буџетски на почетокот на годината не го имавме планирано овој трошок, сепак направивме напори во рамките на постојните буџетски средства да помогнеме и да овозможиме понатамошно успешно функционирање на клубот. Иако, како локална самоуправа, со ниту една своја постапка не сме учествувале во доведувањето на клубот во сериозна состојба, изјави секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.

Денешните одлуки следуваат откако, по иницијатива на советниците Јоне Станкоски и Павел Попоски, по седницата во февруари од страна на Комисијата за млади и спорт при локалната самоуправа, заедно со градоначалникот Никола Бакрачески, беше разгледана состојбата со клубот.

– Еден дел средства ќе се одбрат веднаш за покривање на оние трошоци околу извршните решенија за клубот, а остатокот ќе бидат исплатени во текот на 2017 година. Локалната самоуправа ќе има и разговори со извршителите и останатите засегнати за да се намалат каматите, а ќе се разговара и за можната локација на која би функционирал клубот, вели советникот Јоне Станкоски.

Поддршката пристигна и од советниците од опозицијата кои истакнаа дека клубот има особено значење за градот.

– Дефинитивно ќе ги поддржиме овие две одлуки, клубот е симбол на Охрид, на генерациите пред нас и немаме друга основа освен да донесеме одлука дека ќе ги поддржиме двете одлуки. Но, мора да напоменеме две работи-прво дека пред две или три години имаше барање од клубот дека се потребни 300.000 денари и со тоа, тогаш, ќе беше решен проблемот барем од финансиски спект. Но, дрскоста на актуелната власт доведе долгот од 300.000 денари да нарасне на над милион и 200.000 денари и сега дојде до ситуација извршител да заработи на нашата кавга 442.000 денари кои значат многу. Ова треба да биде поука во иднина, да не бидеме суетни, истакна советникот Јован Стојаноски.
 
Советниците на денешната седница ја прифатија и предлог одлуката за учество на општина Охрид во реализација на летен фудбалски камп „Барселона 2017“.

– Подолго време Охрид се труди да дојде до големи спортски клубови и да иницира соработка со нив за да дојдат и бидат присутни во Охрид. На наше големо задоволство управниот одбор на фудбалскиот клуб „Барселона“ ја разгледа можноста и донесе одлука клубот да организира еден ваков камп, во соработка со локалната самоуправа и ЈП Билјанини извори, на кој можност за учество имаат 350 до 400 млади фудбалски таленти кои согласно програмата на ФК Барселона спроведена од нејзини тренери и во соработка со домашни локални тренери и професори по физичко воспитание ќе бидат едуцирани, со цел да се стекнат со соодветни знаења од фудбал, рече секретарот Спасески.

За најдобрите учесници на кампот што ќе се одржи од 21 до 28 август, ќе биде овозможено учество на централниот камп на „Барселона“ и дружење со нивните фудбалски ѕвезди.

Советниците ги усвоија и предлог одлуките за одобрување на финансиски средства за материјално финансиска поддршка на ракометниот клуб „Охрид“ за 2017, измените и дополнувањата на развојната програма за уредување на градежно земјиште за 2017 – 2019 година, измената на распоредот на средствата на Буџетот на општина Охрид за 2017 година, дополнување на одлуката за организирање на режимот на сообраќај на дел од територијата на општина Охрид, како и низа предлог одлуки од сферата на урбанизмот.

Т.К.