Спектакуларен настап на театарската група на Црвен крст Охрид со изведбата на музичко-поетски перформанс „Треба да бидеме подобри“ во режија на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка СионДоленц.

Тесен беше просторот во предворјето на црквата Св.Софија да ги собере сите оние кои дојдоа да „Вдишат театар“ и бидат дел од отворањето на Аматерскиот театарски фестивал „Вдиши театар“ кој во организација на Црвен крст Охрид по седми пат, како предвесник на охридското културно лето, се реализира од 22-24 јуни во Охрид.

Младите и талентирани актери, преку стиховите на повеќе македонски поети: Ацо Шопов, Блаже Конески, Славко Јаневски, Анте Поповски, Гого Ивановски, Гане Тодоровски и Ива Дамјановски, на креативен начин ја претставија борбата на човекот со различни искушенија, тешкиот пат на човекот низ очајот и рамнодушноста, подемите и падови на човечката борба да излезе од лавиринтот на безнадежноста, но и надежта за подобро утре и подобри ние.

Втората вечер од театарскиот фестивал „Вдиши театар“ е резервиран за проекција на филмот „На прав пат“ во продукција на Црвен крст Ужице, која е закажана за денес во 18 ч., во Центарт за култура „Григор Прличев“, а во 21 часот на сцената во предворјето на црквата Св. Софија свој настап ќе има театарската група на Црвен крст Битола со претставата „Умри машки“.

Влезот за сите претстави е слободен.

OhridNews