Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. по синоќешните протести пред зградата на Владата за објавените аудио снимки на опозицијата за убиството на Мартин Нешкоски, тврди дека е сосема ирелевантно дали осудениот за убиството, Игор Спасов. бил или не бил на работа во моментот на убиството. Според Јанкулоска, МВР максимално брзо, во рок од 22 часа го расветлила убиството и фактот дали Спасов бил на работа или не во моментот на убиството и дали имал писмена или усна наредба не го намалувало степенот на одговорност на осудениот.

„Во самата кривична пријава е објаснета фактичката состојба. Лицето имало писмена наредба за извршување службени дејствија и задача заклучно со 24 часот во Куманово. Во моментот кога се случило убиството, според пријавата, во 00:40 минути, таа наредба нема веќе важност. По однос на ангажманот на лицето по 24 часот, не е обезбеден доказ ниту дека постоела писмена, ниту каква и да е друга наредба, што е тотално ирелевантно за степенот одговорност. Убиството е убиство, никаква наредба не може да ја исклучи одговорноста на сторителот“, истакна Јанкулоска.

Истрагата на  Министерството за внатрешни работи ја кочело тоа што до полицијата немало никаква пријава ниту за исчезнато лице, а имале проблем и да го утврдат идентитет на лицето. Министерството имало писмен материјал со службени белешки за претпоставените на Спасов, а како што рече Јанкулоска, биле повикани и како сведоци пред суд.

Снимките коишто ги објави опозицијата, за Јанкулоска се креирани, монтирани и со нив лидерот на опозицијата, Зоран Заев го допрел “врвот на монструозноста“.

Според официјалните информации на МВР, во вчерашните протести повредени биле 38 полицајци од кои шест биле задржани на лекување. Полицијата има информација дека само едно лице цивил се пријавило во градската болница за да побара лекарска помош, а немаат ниту информации дека во протестите повредена била и мајката на Мартин Нешкоски. Во нередите приведени се 30 лица од кои две биле малолетни и биле ослободени веднаш по извршувањето на службениот разговор. Од снимките на полицијата идентификувани се 12 учесници во протестите кои учествувале во „вандалските напади“ врз полицијата. Оштетени биле седум службени возила, 22 штита, шлемови и полициски елек, радиоврска, а демолирани биле и стаклата на Радио Слободна Македонија.

„Граѓаните на Република Македонија синоќа беа сведоци на насилни демонстрации кои резултираа со десетици повредени полициски службеници, демолирање на возила, палење на контејнери и уништување на јавниот имот со што е предизвикана и голема материјална штета. Граѓаните на Република Македонија синоќа беа сведоци на брутални напади со бекатон плочи, со метални шипки и со камења. Граѓаните на Република Македонија синоќа беа сведоци на најсрамниот чин на симнување и кинење на знамето на Република Македонија од јарболите од страна на дел од демонстрантите на кои им пречат државните обележја“, рече Јанкулоска. Таа додадедека во неколку наврати со бекатон плочи, камења, шишиња, јајца, домати и други предмети било фрлано кон кордонот од униформирани полициски службеници, како и објектот на Владата на РМ.

Од страна на одговорен старешина, дадена е усна наредба кон собраната маса, мирно да се разотидат и да не го нарушуваат ЈРМ, но наредбата не е испочитувана и масата повторно почна со фрлање на предмети. По ова од страна на униформирани полициски службеници е пристапено кон потиснување на масата и воспоставување на нарушениот ЈРМ, при што масата е насочувана по булеварот „Св. Климент Охридски“ кон Соборен храм, булеварот „Партизански одреди“ и булеварот  „Илинден“ во правец кон фонтана во Градскиот парк“, прецизираше  Јанкулоска. При потиснувањето на масата, на неколку локации на булеварот „Илинден“ и булеварот „Партизански одреди“, биле превртени и запалени десетина контејнери за смет. Јанкулоска тврди дека полицијата била максимално професионална и дека не употребила сила врз демонстрантите.

По протестите, имаше информација дека полицијата направила упад во градската „Браќа Миладинвци“. Министерката изјави дека дејствувањето на полицијата било легитимно и дека таму се барале дел од насилните демонстранти.

„Полицијата направи потрага по насилни демонстранти во повеќе објекти, притоа не е употребена сила во библиотеката. Лоцирано е едно од лицата и е приведено. Дел од вандалите се обидоа на прилично кукавички начин да се затскријат зад граѓани кои воопшто не беа поврзани со протестите, да влезат во приватни или државни објекти за да спречат соочување со полицијата. Дејствието на полицијата е апсолутно легитимно и не постои никаков простор да се бара одговорност од никого“, потцрта  Јанкулоска и повика доколку некој има замерка да поднесе пријава.

OhridNews

извор Макфакс