Со театарската претстава „Бог на масакрот“ во изведба на НУ Турски театар Скопје, вчеравечер на сцената „Долни Сарај“ беше спуштена завесата на 60-тото јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“.
Директорката на НУ „Охридско лето“ , Наташа Поповиќ, истакна дека ова јубилејно „Охридско лето“ поради ситуацијата со коронавирусот се одржа во термин различен од традиционалниот, пред строго ограничен број гледачи кои во текот на изминатите 27 фестивалски денови можеа да уживаат во 26 музички концерти и шест театарски претстави прилагодени според протоколите за здравствена заштита.
Уметноста, естетското доживување на врвните концерти и театарски претстави на автентичните локалитети, Античкиот театар, црквата „Св.Софија“, предворјето на „Св. Софија“, „Долни Сарај“, кои ги понудивме на 60-то фестивалско издание се сведоштво дека силата на музиката и театарот се храна за човечкиот дух и во кризни времиња како ова – времето на короната. Бевме пример дека може да се реализира врвна манифестација и покрај сите протоколи што ги предвиде Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство. Покажавме дека културата е таа која може да го промени светот, да го преобрази, да ја победи и болеста, и за миг да внесе убавина во нашето секојдневие. Музиката и театарот нѐ обедини сите, станавме посилни и барем за миг, ги оттргнавме мислите од статистичките бројки на оваа страшна пандемија, рече Поповиќ.

Огромна почит и благодарност и до сите кои придонесоа да славиме уште едно возвишено издание на „Охридско лето“, до Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, како покровител на фестивалот, со што „Охридско лето“ низ годините ја гради својата величина и го оджува приматот на најзначајна културна сцена со богата традиција која ги негува вистинските вредности на уметноста, до Владата и Министерство за култура за вложувањата во развојот и унапредувањето на културата во државава. Нивната поддршка претставува пример како треба да се негува и одржува еден фестивал. Благодарност и до Општина Охрид и градоначалникот Константин Георгиески за заложбите да ја доближиме културата и туристичката понуда до сите гости, посетители, уметници. Упатувам благодарност и до нашите спонзори, помагатели, пријатели, љубители на уметноста, поддржувачи на културните вредности … рече Поповиќ.

Затворајќи го годинешното „Охридско лето“, и Турскиот театар од Скопје одбележа 7 децении од постоењето.
Последната претставата ја одигравме на 28 февруари годинава, и оттогаш сцената во нашата национална установа се затвори. Но, ние направивме напор, и од сѐ што досега има сработено Турски театар, од сите претстави, пробавме да направиме видео-записи. Се надеваме дека од септември ќе се изнајде протокол, ако ништо повеќе, барем да ги подготвиме проектите што ни ги одобри Министерството за култура, а тоа се четири претстави, сите наменети за јубилејот. – изјави директорката на Турски театар-Скопје, Несрин Таир.

OhridNews













