Со четириесет дена исполнети со музика, театар, балет и џез, фестивалот „Охридско лето“ и ова лето ја потврди својата позиција како еден од најзначајните културни настани во земјава и препознатлива европска фестивалска сцена. Шеесет и шестото издание донесе исклучително богата програма, врвни уметници од повеќе земји, полни концертни простори и публика која со своето присуство и аплаузи покажа дека Охрид повторно живее со уметноста.

Особено силен впечаток остави свеченото отворање на Античкиот театар, каде светската оперска ѕвезда Ермонела Јахо и тенорот Чарлс Кастроново, во придружба на оркестарот на Националната опера и балет и под диригентската палка на Марко Боеми, приредија спектакуларна музичка вечер. Интересот за концертот беше огромен, настанот беше распродаден уште две недели пред почетокот на фестивалот, а на Античкиот театар присуствуваа повеќе од 4.000 посетители.

Зад нас се четириесет дена исполнети со врвна уметност, прекрасни концерти, силни емоции и публика која беше најголемиот успех на ова фестивалско издание. Особено ме радува што интересот беше огромен уште од самиот почеток, а голем број настани беа распродадени и пред да се одржат. Тоа е најубавата потврда дека публиката го препознава квалитетот кој го понудивме на ова 66. „Охридско лето“. Она што навистина ќе го паметиме се полните гледалишта, долгите аплаузи, емоцијата на публиката и незаборавните уметнички вечери, вели директор на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Посебно место во програмата имаше OH, JAZZ 2026, со четири џез-вечери кои го збогатија фестивалскиот репертоар и донесоа современ звук и светски познати имиња. Публиката имаше можност да ги слушне и уметниците како Нубаја Гарсија и Питер Сомуа, во атмосфера која уште еднаш покажа дека „Охридско лето“ успешно ги поврзува традицијата и современите уметнички текови.

Значаен дел од фестивалската програма беа и настаните посветени на македонското културно наследство. Со посебно внимание беше одбележана 100-годишнината од раѓањето на Ана Липша-Тофовиќ, преку промоцијата на монографијата посветена на нејзиниот живот и творештво. Таквите содржини ја потврдија определбата на „Охридско лето“ истовремено да го следи современиот уметнички развој и да ги чува и афирмира големите имиња на македонската култура.
Посебна музичка приказна и рекордна посетеност на сцените Предворје на Света Софија и Долни Сарај донесоа концертите на Стефан Миленковиќ, Ана и Игор Дурловски и Националниот џез-оркестар.

Овој успех е резултат на посветената работа на целиот фестивалски тим, но и на довербата и поддршката од Министерството за култура и туризам, нашите партнери, спонзори и пријатели и секако генералниот спонзор на фестивалот, А1 Македонија, чија поддршка и оваа година беше значаен дел од фестивалската приказна. Им благодарам на уметниците кои ја создадоа магијата, на тимот кој неуморно работеше таа магија да стигне до публиката и, пред сè, на публиката која со своето присуство покажа дека културата има сила да обединува, да инспирира и да создава незаборавни моменти. Охридско лето продолжува со уште поголема одговорност, уште повисоки стандарди и со јасна цел оваа македонска културна визит-карта да биде уште посилна и повидлива во светот, додава Цуцковски.
Шеесет и шестото издание на „Охридско лето“ остава зад себе 40 дена исполнети со врвна уметност, незаборавни средби и силни емоции. Остануваат спомените од прекрасните фестивалски вечери, аплаузите и енергијата на публиката, како и уверувањето дека „Охридско лето“ и понатаму ќе биде место каде што највисоките уметнички вредности се среќаваат со публиката во единствениот охридски амбиент.
OhridNews










