Како никогаш досега најгледаните медиуми се ставија себеси во функција на застапување одредена позиција и нивното известување во првите десет дена од изборната кампања не е избалансирано, предупреди денеска Советот за радиодифузија (СРД).

СРД поднесе една прекршочна пријава за телевизијата Сител за пречекорување на дозволеното време за платено политичко рекламирање, како и три укажувања за неправилности, за А1 телевизија за непотполно пренесување од политичко истражување, за БТР за грешно означување на интервју како платено политичко рекламирање и за Канал 77.

„А1 е на страната на опозицијата, а против власта. Сител е на страна на власта, а против опозицијата. Обете се една против друга. Негативно или позитивно врамување има и кај други медиуми, но тоа не е очигледно во нивниот тон на известување. На пример, Канал 5 објавува прилози во кои позитивно ги врамува резултатите на власта и ветувањата од Манифестот на ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна ТВ Алфа негативно ги врамува активностите на власта“, велат од Советот за радиодифузија.

„Кај А1 Телевизија треба да се споменат и неколку преседани: спотовите од кампањата „И јас сум А1“ се користат за да се најават митинзите на опозицијата, се емитуваат спотови за тешката економска состојба во Македонија во кои Никола Груевски е ставен во негативен контекст, промотивните најави за „Фармер“ и за „Меѓу народот“ се користат за да се емитуваат изјави на претставници на Коалицијата предводена од СДСМ, а најавите за средбите на уредниците на А1, К*** е ре, Шпиц и Време со граѓаните се користат за да се пласираат изјави против власта“, велат оттаму.

“Драстична неизбалансираност се забележува во известувањето во вестите на Сител ТВ и тоа во корист на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а истото е случај и кај А1 ТВ, каде Коалицијата предводена од СДСМ има добиено 1 час и 13 минути а ВМРО-ДПМНЕ има половина час помалку“, изјави Зоран Стефановски, претседател на СРД.

Телевизијата Канал 5 во вестите известувала неизбалансирано, а истото е случај и со телевизијата 24 Вести, како и АБ Канал.

Оценка за избалансирано покривање на кампањата добија ТВ Телма, Алсат М ТВ како и ТВ Алфа.

Со мониторингот на Советот за радиодифузија се опфатени вкупно 150 програмски сервиси, 69 програмски комерцијални станици, 72 комерцијални радио станици и 3 непрофитни радиодифузни установи.

OhridNews
извор: Макфакс