Градоначалникот на општина Охрид,  Никола Бакрачески, денес оствари работна средба со тим од осум јапонски експерти на која гостите од Јапонија ги  презентираа начинот на работа, предлозите за решенија и динамиката на активности за реализација на физибилити студијата со која се планира обнова и рехабилитација на колекторскиот систем на Охридското Езеро, во делот кој е во рамки на Република Македонија .

На средбата делегацијата од Јапонија и градоначалникот Бакрачески се договорија  еднаш месечно да се одржуваат работни  состаноци  на кои ќе се информира за текот на работите и потребите за квалитетна изработка на Физибилити студијата.

Јапонскиот тим од експерти почнувајќи од денес па се до крајот на декември ќе работи на истражување и изработка на физибилити студијата за рехабилитација на колекторскиот систем на Охридското Езеро и тоа континуирано во Охрид и Струга и за таа цел веќе ги договориле целите и динамиката на работа со Министерството за финансии и со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Физибилити студијата  се очекува да биде изготвена како нацрт во декември и како финална верзија во март 2015 година по што би започнала имплементацијата на приоритетните активности.

Во студијата ќе биде опфатен и просторот во атарите на селата Трпејца и Љубаништа кои до сега не се опфатени со колекторскиот систем.

OhridNews