Со традиционална свеченост, на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, попладнево, беа пречекани 118-те патници што пристигнаа со првиот редовен лет што од денес стартува на релација Охрид-Малме. Утре, 19-ти март, на охридскиот аеродром ќе пристигнат и патниците со првиот лет на Визер од Милано.

Како што истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, со овие летови почнува новата фаза во развојот на авиосообраќајот во Македонија.

  • Очекувам дека вака поставените политики ќе ги оправдаат нашите очекувања и ќе го зголемиме бројот на туристи, а воедно ќе се овозможат нови европски дестинации за граѓаните. Веќе ги имаме првите резултати кои покажуваат зголемување на бројот на патници во првите месеци од годинава и тоа за 4%. Од државниот буџет за субвенционирање на евтини авиолинии предвидени се вкупно околу 5 милиони евра за периодот од 2019 до 2022 година, рече министерот Сугарески.

ВД градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески изрази големо задоволство од воведувањето на новите авиолинии од Охрид кон познатите европски дестинации.

  • Напорите на министерството, владата и општина Охрид вродуваат со плод, се за поздрав и се во насока на унапредување на туризмот, на самиот град, и на целокупната наша заедница, истакна Георгиески.

Задоволство и од менаџментот на ТАВ Македонија поради континуираниот развој на мрежата на авиолинии на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

  • Оваа прилика не е само за одбележување на проширувањето на мрежата на линии од охридскиот аеродром, туку ова исто значи и отворање на два нови пазари, Шведска и Италија, за патници и туристи кои доаѓаат во посета на прекрасниот Охрид. Драго ни е што се задоволени потребите и барањата на патниците.Со воведувањето на овие две нови дестинации, веруваме дека ќе има бројни можности за македонските граѓани да го прошират и да го зголемат нивното патувачко искуство.Би сакал да се заблагодарам на Визер за нивната посветеност кон развој на воздухопловството во нашата земја, како и на Владата за нивната постојана поддршка, изјави Неџат Курт, Координатор на Аеродроми во ТАВ Македонија.

Двете нови директни линии кон Малме и Милано ќе сообраќаат во текот на целата година, со две неделни фреквенции.Почнувајќи од денеска, 18-ти март, летот од/до Малме ќе сообраќа секој понеделник и петок, со време на пристигнување во 11:25 часот, време на поаѓање 11:55 часот; додека летот од/до Милано Малпенса од утре, 19-ти март, ќе сообраќа секој вторник и сабота, со време на пристигнување во 17:25 часот, и време на поаѓање во 17:55 часот.

Овој распоред на летовите важи до крајот на март, односно до крајот на зимската сезона. Според распоредот на летови за летната сезона во 2019 година, од 1-ви и 4-тиаприл, соодветно, Милано Малпенса ќе пристигнува во 18:55 часот, а ќе полетува во 19:25 часот, додека летовите од Малме ќе пристигнуваат на охридскиот аеродром во 11:20 часот и ќе поаѓаат назад во 11:50 часот, двата лета ќе сообраќаат секој понеделник и петок.

Со додавањето на Малме и Милано, како нови дестинации, сега од Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид има 5 редовни линии, Виена, Базел, Цирих, Малме и Милано, како и 8 сезонски дестинации до: Амстердам, Брисел, Тел Авив, Варшава, Катовице, Истанбул, Ајндховен и Талин, на кои оперираат 11 авиокомпании.

OhridNews