Годинава во Охрид, но само како гледач беше и Томи Стефаноски, кој поради повреда непосредно пред маратонот го откажа своето учество.  Стефаноски смета дека потенцијалот на македонското маратонско пливање е голем, но е остваен сам на себе и ја нема вистинската подршка.

– Евгениј долго време ги плива маратоните и може да влезе во костец со сите маратонци. Трката беше добра, условите одлични, а на крај победи Стојчев, кој беше очигледно дека најлесно плива во групата во која се наоѓаше. Се чуваше за завршницата, каде и ја направи предноста од 20 секунди, што не е малку време во ваква трка – вели еден од најдобрите македонски маратонци, Томи Стефаноски.

Каде е македонското маратонско пливање?

– Маратонското ливање според мене е најдоброто од Македонија, но оставени сме сами на себе, тоа што го постигнуваме е стихијно. Влегуваме во еден свет на професионализам, во кој  ние сме тотални аматери. Неизвесни се патувањата, на пет дена пред маратонот не знаеш дали ќе отпатуваш, и наместо да се фокусираш на пливањето, мислите ти летаа на друго место – смета Стефаноски.

Потребни се “подлабоки“ промени, но и систем кој ќе функционира за маратонското пливање да биде еден од водечеките спортови во Македонија.

– Ние ја имаме најдобрата манифестација во Македонија, секогаш публиката сака во првата група да види македонски пливач. Тоа го правев јас порано , сега го прави тоа Евгениј, но за сето тоа да продолжи мора да има некој систем кој ќе функционира, да не биде се до оној момент “кога ќе ти пукне филмот“ и нема да можеш повеќе и да се откажеш. Мора така да се размислува, бидејќи професионалниот спорт бара професионалност од секоја страна. – завршува Стефаноски.

М.П.