Изградбата на 32 метри високото минаре на Алипашината џамија во Охрид, е запрена од страна на инспекцијата на Управата за заштита на културно наследство, јавува Вечер. Како што посочиле од институцијата, инспекцијата која во петокот излегла на терен утврдила неправилности и отстапувања од конзерваторското одобрение поради што инвеститорот е и парично санкциониран.

“Проблемот е во тоа што инвеститорот не се придржува до конзерваторското одобрение и за џамијата и за минарето. По спроведениот надзор донесено е решение за запирање на работите. Иако инвеститорот тврди дека има анекс на конзерваторското одобрение, тоа не е доставено до нас и колку што знаеме, е предмет на Основното јавно обвинителство (ОЈО). Изградбата е стопирана и има парична санкција, што исто така беше направено и минатата година. Нашите ингеренции се до тука, а понатаму ингеренциите треба да ги преземе градежната инспекција”, вели за Вечер Звонимир Николовски, раководител на секторот за превенција и инспекциски надзор на културното наследство, при УЗКН. Како што посочува Николовски, крајната цел е запирање на градежните активности со оглед дека, како што вели, неправилности има и во ентериерот на самата џамија.

“Се работи за објект од крајот на 15 и почетокот на 16 век и треба да се направи стручна експертиза од страна на професори, архитекти и градежници и да се утврди дали треба да се гради минаре со височина од 32 метри. Со Заводот и Музеј во Охрид, пак, инвеститорот требаше да се консултира за измените кои се направени во внатрешноста на џамијата, а кои не одговараат на издаденото одобрение”, додава Николовски.

По ваквата реакција на надлежните, за денес закажаниот мирен протест на здружението на граѓани „Совест“, е откажано на неодредено време.  Од здружението најавуваат средба на нивни претставници со со премиерот Зоран Заев, на 20 март во Скопје, на која ќе се разговара за ова прашање.

Конзерваторското решение за ревитализација на Али Пашината Џамија, издадено во 2016-та, кое според ЗГ „Совест“ не е веќе во важност, предвидуваше изградба на минаре високо 32 метри. Проектот го финансира турската вакуфска заедница.

OhridNews