Туристи од Холандија неколку години по ред доаѓаат на одмор во Охрид за да волонтираат во импровизираниот стационар за бездмони кучиња на здружението за заштита на животни „Анималија“, од каде до сега имаат згрижено десетина кучиња кои ги носат во својата земја. 

-Носиме помош од Холандија, лекови, реквизити, храна, работиме тука, исто така донираме и пари од добротворни акции што ги правиме за поддршка на Анималија, затоа што им е неопходна на волонтерите тука.– изјави Ина Франкестил – туристка од Холандија која ја затекнавме како волонтира во стационарот во Мауцкер.

Странците се единствените волонтери кои го посетуваат стационарот, велат од „Анималија“, посочочувајќи дека домашната јавност не покажува никаков интерес за работата на здружението, освен кога има потреба од неговите услуги.

-Да, имаме поголема поддршка од странците затоа што мислам дека концептот на волонтирање го сфаќаат многу поинаку од нашите тука. Од граѓаните на Охрид и Македонија немаме никаква посета, освен кога сакаат да вратат куче или да излеземе на терен, немаме никаква поддршка. – вели Вилдана Садикоска, волонтер во „Анималија“. 

Бездомните кучиња во Охрид, како и во останатите градови во земјава ги има насекаде, но странците се изненадени и од односот на заедницата кон овој долгогодишен проблем. 

-Многу е тажно да се види тоа. Луѓето од западот не сакаат да гледаат бездомни кучиња како патат на улиците, како ги удираат и бркаат. Многу од нив умираат изгладнети, или прегазени од автомобил. Тоа не смее да се случува во една цивилизирана земја. – истакна Клаудија Алма, туристка од Холандија, која исто така дел од одморот во Охрид го посвети на волонтирање во прифатилиштето за бездомни животни во Охрид. 

Единственото импровизирано прифатилиште во кое се згрижени 40-на кучиња е под постојана закана од затворање заради пренамена на просторот, а волонтерите се жалат дека градот нема слух за нивните идеи за намалување на бројот на бездомни животни. 

– Поминаа три години, да се прифатеше од првиот момент нашата идеја да се почнеше со стерилизации како што баравме ќе се намалеше бројот на бездомни кучиења, постојано наидуваме на граници, немаат слух, а нас не гледаат како дечиња што немаат друга работа. – вели волонтерката Вилдана Садикоска. Таа предупреди дека доколку се затвори прифатилиштето кучиња кои се згрижени таму ќе мора да бидат пуштени на улица, каде волонтерите нема да бидате во можниост да помогнат на било каков начин, бидејќи  нема да има услови за тоа.

Инаку, иако е обврзана со закон, општина Охрид се уште нема соодветно прифатилиште за бездомни животни.

Г.М.