Вкупно 65 стипендисти од околу 20 странски земји ќе го изучуваат македонскиот јазик во рамки на 47. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура што започна денеска во Охрид. Во рамки на овој образовен собир кој ќе трае до 29-ти јуни 2014 година, ќе биде одбележана 70-годишнината од официјализирањето на македонскиот јазик како службен јазик на Република Македонија, а дел од семинарот ќе биде посветен и на одбележувањето на 65-годишнината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Професорот Људмил Спасов од Филолошкиот факултет од Скопје, вели дека го загрижува фактот што треба да вложиме извонредни сили за да го еманципираме и да го етаблираме македонскиот јазик во рамки на Европската Унија.

-Семинарот е приклучен дел од афирмацијата на македонскиот јазик, кој е европски јазик и во таа смисла семинарот треба да добие уште поголемо значење, односно да работи и фукционира преку цела година, а летната школа треба да биде во рамки на ова што сега се одржува. Се надевам дека тоа ќе го оствариме, но истовремено се плашам што бројот на лекторатите по македонски јазик низ Европа, САД, Канада и Австралја постепено се намалува. Тоа не е вина само на државите домаќини бидејќи факт е дека се намалуваат и средствата за славистика, рече Спасов.

Зофија Дембовска од Полска, која е еден од учесниците на семинарот, вели дека избрала да учи македонски јазик, бидејќи и звучел интересно и непознато.

-Започнав да студирам славистика пред пет години и избрав македонски јазик. Мислам дека беше најдобар избор. Лесно е да го учам, бидејќи немате падежи, но тешко е со времињата, бидејќи имате многу времиња и членови што во полскиот јазик ги немаме, рече Дембовска.

Таа нагласи дека до сега има преведено две книги од полски на македонски јазик и дека се надева за вработување како државен преведувач.

Во рамки на семинарот за македонски јазик ќе се одржи и 41. Меѓународна научна конференција за македонски јазик на тема „Македонскиот јазик, литература и култура во контекст на другите јазици, литератури и култури“, на која ќе учествуваат 24 домашни и 13 странски учесници.

OhridNews