Денешното рочиште во случајот „Труст“, во кој првообвинет е бизнисменот и сопственик на градежната компанија „Трансмет“ и „ТВ Нова“, Сеад Кочан е одложено на 14 ноември. Тој заедно со Василие Авировиќ и уште едно лице се товарат за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Адвокатите се пожалија дека не добиле листа на докази, поради што адвокатката Сања Алексиќ на второобвинетиот Василе Авировиќ, побара да им биде доставена листата за да може да ја подготват одбраната.

СЈО во листата на докази, доставени до судот и адвокатите на обвинетите, на 81 страница доставило и три бомби од кои една јавно објавена за разговорот меѓу екс премиерот Никола Груевки и поранешниот генерален директор на ЕЛЕМ, Влатко Чингоски, и две кои не се јавно објавени. Обвинителот Гаврил Бубевски рече дека советот за оценка на обвинителниот акт одлучил да не ги издвојува бомбите како докази во постапката, нешто што беше случај во сите досегашни обвиненија на СЈО. Судиката Лидија Трајковска-Зимбовска рече дека според законот за кривична постапка ќе бара „концентрационо судење“, што подразбира рочиштата да се одржуваат едно по друго, во краток временски период.

Станува збор за тендерот што во 2011 година го распиша државната фирма „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола. Доставувајќи фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност, три фирми, задружени во конзорциум, го добиле тендерот на ЕЛЕМ, вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра. Во „Труст“ се обвинети и три правни лица: „Трансмет“ од Скопје,, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани. Обвинетите доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет.

OhridNews

Макфакс