Со изведбата на современиот македонски мјузикл „Као какао“, работен по текст и драматургија на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски и со музика на Влатко Стефановски, вечерва на „Долни Сарај“ свечено ќе биде затворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Станува збор за мелодрамска љубовна приказна сместена во седумдесеттите години на минатиот век, каде што љубовта и амбицијата растат паралелно со притисоците на средината. Во обидот да успеат и да останат свои, младите ликови се соочуваат со невидливите граници на системот, стереотипите, сопствените стравови и моментот кога животот почнува да бара компромиси. Претставата зборува за генерацијата која верува дека светот ѝ припаѓа и која, во обидот да успее, постојано се судира со правилата, очекувањата и ограничувањата на времето во кое живее.

Со голем актерски ансамбл и со музиката на Влатко Стефановски како нејзин централен двигател, „Као какао“ создава сценски свет исполнет со љубов, амбиција, бунт и стремеж кон слобода.

OhridNews