Свети Иларион Мегленски, еден од македонските светци, борец против разните ереси во Македонија и посебно во мегленската област е роден во Цариград. Неговите родители биле од видна фамилија но несреќни поради тоа што немале деца. Поради тоа постојано се молеле на Бога да им даде рожба. Мајка му ја молела Богородица и верувала дека таа може да и помогне. И еднаш во сонот навистина и се јавила Богородица и и’ соопштила дека ќе го добие тоа што го сака. Набргу добила машко дете кое го крстиле Иларион што значи радосен и кое уште во првите години покажало необични дарби. Така во третата година ја запеало песната на ангелите „Свети, свети, свети“ и промрморило „Еден Бог“ што предизвикувало восхит кај сите.

Кога пораснал го дале на училиште да го учи Светото писмо. Во училиштето се стекнал со образование, а во домот со добро воспитување. На 18 годишна возраст ги оставил родителите и го започнал монашкиот живот. Се закалуѓерил во некој манастир и се оддал на постојана молитва. Кога старешината на манастирот почуствувал дека му се ближи крајот управувањето со манастирот му го доверил на Иларион кој со личен пример докажувал како треба да се живее во слога и разбирање.

Поради таквиот живот од Бога бил удостоен со чудотворна сила. Како раководител на манастирот направил чудо што уште повеќе ја зголемило неговата популарност. Имено кога завладеала глад тој со молитви упатени кон Бога успеал да ги наполни амбарите со жито од кое се прехраниле не само жителите на манастирот туку и локалното население.

Тогаш Бог го избрал за повисока должност. На охридскиот архиепископ Евстатиј му се јавила Богородица и му рекла:„Архиепископе, не колебај се, ракоположи го Иларион за епископ Мегленски. Тој е способен многумина да убеди и да ги насочи на прав пат и да ги ослободи од заблудите“.

Потоа Иларион навистина бил поставен за епископ Мегленски во 1234 година. Иларион се трудел да го учи народот во христовата вера и жестоко се борел против разните ереси во овој крај. Подигнал манастир посветен на Светите апостоли во кој бил погребан кога починал.

На гробот на Иларион се случувале чуда, болни оздравувале што било причина, со посебна царска и црковна одлука да се отвори неговиот гроб и неговите мошти да се пренесат во црквата. Кога го отвориле гробот виделе дека од очите му течело миро како од два извора, од кое многу луѓе се излечиле.

Свети Иларион и по смртта им се јавувал на еретиците и ги предупредувал и казнувал. Неговите мошти биле пренесени во Трново и биле погребани во од царот подигнатата црква. Подоцна неговите мошти биле пренесени во Цариград каде што и сега почиваат.

Јасминка Т. Момироска