Православните христијани денеска го слават празникот посветен на Светиот маченик Трифун.

Светиот маченик Трифун е роден во Кампсада во Фригија. Во детството чувал гуски, но уште тогаш се истакнал со исцелителска способност. Лечел болни од разни болести и од луѓето ги бркал лошите демони. За неговите чуда се расчуло надалеку, поради што бил викнат во Рим кај царот Гордијан за да ја излечи неговата ќерка Гордијана која што страдала од душевна болест и којашто не можел да ја излечи ниту еден лекар. Трифун за кусо време ја излечил и се стекнал со уште поголема слава. Со маченичка смрт умрел за време на царот Деције на 21-годишна возраст.

Меѓу населението празникот Свети Трифун главно е познат по обредното закројување на лозјата.

Според народните обичаи и верувања, Свети Трифун бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.) поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.

Обично рано наутро во црквата крштевале „Трипунска вода“ од која потоа земале во шишиња и ја чувале во текот на целата година за здравје. Со оваа вода ги прскале лозјата и нивите за бериќет или во случаи кога ќе се појавела некоја болест по нивите. По завршувањето на службата во црквата, целиот народ заедно со попот оделе во полето, каде што во некои лозја по читањето на молитвите попот го попрскувал лозјето со светената вода и закројувал три лози, со благословот „Дај боже бериќет“, а пресечените лози ги потурале со вино и ракија.

Јасминка Т. Момироска

Денеска се слави и „Св. Валентин“ – кој бил овој светец?