Охридските ограноци на големите политички ривали, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, со несмален интензитет денеска ја продолжуваат вербалната војна, во која во јавноста се изнесуваат сериозни обвинувања за притисоци и закани кон граѓаните поврзани со претстојните предвремени парламентарни избори.

ВМРО ДПМНЕ денеска ги повтори обвинувањата дека од страна на СДСМ и нејзиниот кандидат за пратеник, во охридската локална самоуправа се врши притосок врз вработените да учествуваат на претстојниот митинг во недела во Скопје. Оттаму тврдат дека вработените се под закана од претпоставени дека ќе бидат на листа за отстрел доколку не присуствуваат на митингот.

СДСМ ги отфрла ваквите обвинувања, оценувајќи ги како груба манипулација и политилчка конструкција. Според СДСМ лицемерно е за закани да обвинува партија која уценуваат за работни места, за социјална помош и лекови и за ин- витро оплодување.

Обвинувањата ги отфрли и локалната самоуправа, која истите ги оцени како неосновани и невистинити, посочувајќи тдека кандидатот за пратеник на СДСМ, Митре Велјаноски, кој раководи со секторот за јавни дејности веќе една недела е на одмор и немал можност никого да малтретира и уценува, ниту тоа го правеле другите раководители во локалната администрација. Оттаму додаваат дека малтретирањето и притисоците  врз сопственото членство ги прави  ВМРО- ДПМНЕ, а не раководителите во локалната самоуправа и дека нападите се обид да го амортизира скандалот со заканите  кон сопственото членство доколку не врбуваат по 15 или 30 блиски и пријатели кои ќе гласаат за партијата.

Жестоката  караница, во која паднаа тешки зборови, но и загрижувачки обвинувања, засега не ја коментираат институциите на системот чија задача е да ги проверат изнесените наводи на политилките партии, кои очигледно предвреме ја започнаа изборната кампања.

OhridNews